На средбата била поздравена одлуката на Универзитетот во Тирана да се изучува македонскиот јазик, за што, како што нагласил премиерот, од Северна Македонија ќе биде испратен лектор на катедрата за изучување јазици од регионот
Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Тирана, Албанија, се сретнал со претставници на Македонското национално малцинство (МНМ) во Албанија и разговарале за Македонците во Мала Преспа, Тирана, Голо Брдо и Гора. На средбата, како што информираа од Владата, присуствувале и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, како и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски.
„Премиерот Ковачевски на состанокот разговараше со Васил Стерјовски, претседател на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во Албанија, Кимет Фетаху, активист и претседател на друштвото МИР, Едри Фетаху, потпретседател на МАЕИ, Маријана Фелах, претставник на македонското малцинство во Албанија при Комитетот за национални малцинства во Владата на Република Албанија, Бесник Хасани, претседател на друштво МОСТ од Голо Брдо како и претставници на бизнис секторот од Северна Македонија кои работат во Албанија. На средбата беше поздравена севкупната поддршка која што Владата на Република Северна Македонија ја дава во сите области за нашите Македонци кои живеат во Албанија“,
се наведува во владиното соопштение.
На средбата била поздравена одлуката на Универзитетот во Тирана да се изучува македонскиот јазик, за што, како што нагласил премиерот, од Северна Македонија ќе биде испратен лектор на катедрата за изучување јазици од регионот.

Изминатиот период беа реализирани проекти од Акцискиот план за поддршка на нашите Македонци од Голо Брдо и Пустец, со цел подобрување на условите за живеење на нашите иселеници кои живеат во овој дел од Албанија, додаваат од Владата.
„Во разговорот беше поздравена и заложбата за наскоро целосно решавање на деценискиот проблем за пуштање во употреба на граничниот премин Требиште-Џепиште кој што ќе биде од исклучителна важност за македонското население во регионот од Голо Брдо. Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека Владата спроведува повеќе активности во однос на зголемување на бројот на стипендии за студирање на високо образовните институции во нашата држава, преку кои 39 баратели од Мала Преспа и Голо Брдо добија владини стипендии за студирање на државните факултети за учебната 2023/2024 година. Покрај ова на средбата се разговараше и за финансирање проекти за дијаспората, вклучително и за нашите иселеници кои живеат во Албанија“,
информираат од Владата.
Претставниците на здруженијата на иселеници ја поздравиле соработката на Владата на Северна Македонија со надлежните институции на Албанија за сите прашања од интерес на македонските иселеници, во делот на пописот, на организацијата во локалната самоуправа и во други области од секојдневното живеење.
„На средбата беше потенцирано дека Владата и во иднина ќе продолжи континуирано да помага за подобрување на условите на живеење на нашите иселеници, во подобрување на условите за образование, како и финансиска помош за комунално уредување на општините каде живее македонско население“,
стои во соопштението од Владата.
На последниот попис одржан во Албанија во 2011 година, попишани се 5 512 Македонци.
