Османи рече дека повикот ќе биде испратен до сите македонски граѓани кои евентуално се во Либан или планираат таму да патуваат, тоа да го одложат, односно тие што се таму да ја напуштат државата.

Министерството за надворешни работи (МНР) ќе упати повик до македонските граѓани кои се наоѓаат во Либан да ја напуштат државата поради тамошната непредвидлива ситуација.
Ова денеска го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој рече дека соопштението од МНР ќе биде пуштено во текот на денот.
„Можеби денеска ќе пуштиме соопштение да ги повикаме нашите граѓани кои се во Либан да ја напуштат државата поради непредвидливата ситуација таму, а особено треба да бидат внимателни поради фактот што со Либан немаме ниту дипломатски односи, ниту амбасада и би било многу тешко потоа да ги згрижиме во услови состојбата да се влоши“,
рече Османи одговарајќи на новинарски прашања за време на прес-конференција во рамки на конференцијата на тема „Без државјанство во Југоисточна Европа“.
Османи рече дека повикот ќе биде испратен до сите македонски граѓани кои евентуално се во Либан или планираат таму да патуваат, тоа да го одложат, односно тие што се таму да ја напуштат државата.
Во однос на брачниот пар кој е во Газа, Османи повтори дека тие се локални жители на Газа кои имаат државјанство на Северна Македонија.
„Должни сме да го згрижиме секој наш државјанин. Тие се во рамки на овие напори да се овозможи граничен премин од Газа во Египет, така што во комуникација сме и со луѓето и со МНР на Египет“,
рече Османи.
Откако минатата недела министерот Османи информираше дека има двајца македонски државјани кои се заглавени во Појасот Газа, поточно во градот Кан Јунес, на 12 километри од граничниот премин „Рафах“ на границата со Египет, пред два дена од МНР рекоа дека тие се на безбедно и се сместени во болница на Црвената полумесечина.
