Рот на средбата со Маричиќ посочил дека е важно за стабилноста на целиот регион Северна Македонија да ги заврши обврските и да остане активна во процесот на преговори, притоа укажувајќи дека поставувањето датум е јасен сигнал дека ЕУ има цел 2030 година да биде година за ново проширување

Европската перспектива на регионот, новиот план за забрзување на пристапните преговори со ЕУ и важноста од унапредување на регионалната соработка, особено во периодот што следува, биле дел од темите за кои разговарале вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и Михаел Рот, пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг.
„Пораката од средбата е дека планот на ЕУ значи брзи реформи кои ќе значат брзо членство и дека со тоа ЕУ нуди можност некои придобивки од членството да ги имаме и пред тоа, со одредени обврски, што е ретка шанса која треба да се искористи“,
се вели во соопштението од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Според Маричиќ, само заедно, со поголем ангажман и соработка, Западен Балкан и ЕУ, можеме да изградиме Европа која е безбедна, која напредува и се развива.
На средбата, која се одржала на маргините на Форумот на граѓанско општество – Тирана 2023, Маричиќ посочил дека Владата прави напори да ја задржи динамиката на процесот и Северна Македонија да ги продолжи преговорите со државите од соседството, за што, како што рекол, од исклучителна важност е поддршката која ја имаме од Сојузна Република Германија.
Во таа насока претседателот на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг и поранешен министер за Европа во германското МНР, Рот посочил дека е важно за стабилноста на целиот регион Северна Македонија да ги заврши обврските и да остане активна во процесот на преговори, укажувајќи дека поставувањето на датум е јасен сигнал дека ЕУ има цел 2030 година да биде година за ново проширување.
Во пресрет на Самитот на лидери на Берлинскиот процес Маричиќ и Рот, како што информираат од СЕП, разговарале и за потребата од поголем фокус на регионалната соработка која треба да го забрза регионалниот развој и процесот на интеграција во единствениот пазар.
На средбата, додаваат од СЕП, било заклучено дека Берлинскиот процес влегува во нова фаза и се очекува да напредува и многу повеќе да придонесе за забрзување на ЕУ интеграцијата на регионот.
Во Тирана денеска почнува Самитот на Берлинскиот процес, на кој албанскиот премиер Еди Рама ќе биде домаќин на лидерите на Балканот и на ЕУ, на кој ќе учествува и вицепремиерот Бојан Маричиќ, како дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Ковачевски.