На видеоконференција со министрите за здравство на земјите од Г-20, Тедрос рече дека е охрабрен од фактот што неколку членки планираат како да ги олеснат социјалните ограничувања
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесу, ги предупреди земјите што планираат да ги ублажат мерките за борба против новиот коронавирус да бидат подготвени да реагираат брзо во случај на нова епидемија.
На видеоконференција со министрите за здравство на земјите членки на Г-20, Тедрос рече дека е охрабрен од фактот што неколку членки планираат како да ги олеснат социјалните ограничувања поради пандемијата.
Сепак, тој посочи дека е клучно мерките за олеснување на овие ограничувања да бидат спроведени во фази.
„Укинувањето на рестриктивните мерки не значи крај на епидемијата во ниту една земја, туку само почеток на следната фаза“,
рече Тедрос.
Според него, од витално значење е земјите во таа следна фаза да се едуцираат, ангажираат и да ги подготват своите луѓе за да спречат и брзо да одговорат на секоја нова вирусна појава.
„Земјите треба да се осигураат дека имаат капацитет да тестираат, изолираат и да се грижат за секој случај, како и да го следат секој контакт и да се осигураат дека нивните здравствени системи имаат капацитет да се справат со секое зголемување на случаите“,
рече Тедрос.
Директорот на СЗО, исто така, изрази загриженост поради засилувањето на пандемијата на вирусот во сиромашните земји, на кои им недостигаат ресурси да се справат со голем број позитивни случаи.