Сепак, иако куртули од гонење за злоупотреба на службената положба и овластување, Милошоски останува на обвинителна клупа во случајот „Моќник“ затоа што се товари и за кривичното дело измама, за која се обвинети и неговиот татко Милош Милошоски и ексградоначалникот на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, за кои судскиот процес исто така продолжува
На пратеникот во Собранието и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, како и на уште деветмина обвинети во случајот „Моќник“ им застаре гонењето за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.

Ваквата разврска доаѓа по последните измените на Кривичниот законик, конкретно за случајот со измените на членот 353, кои предвидуваат поблаги казни за делата предвидени во овој член и воведување горна граница.
Имено, како што соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот јавен обвинител за десетмина од обвинетите побарал преквалификација на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од ставот 2 на членот 353 во став 1 и побарал примена на поблагиот закон.
Сепак, иако куртули од гонење за злоупотреба на службената положба и овластување, Милошоски останува на обвинителна клупа во случајот „Моќник“ затоа што се товари и за кривичното дело измама, за која се обвинети и неговиот татко Милош Милошоски и ексградоначалникот на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, за кои судскиот процес исто така продолжува.
„Поради интерес на медиумите кои ја следат главната расправа за предметот со КОК бр. 2616/20 познат како ‘Моќник’, ја информираме јавноста дека на денешната расправа надлежниот јавен обвинител кај 10 од обвинетите изврши преквалификација на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 во врска со член 22 од КЗ во член 353 став 1 од КЗ и согласно одредбите од членот 107 и членот 108 од КЗ побара примена на поблагиот закон.
Судот, постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител и согласно одредбите од КЗ, донесе решенија со кои за обвинетите постапката се запира поради застареност, додека за тројца од обвинетите – М.М., М.В. и А.М. судењето за кривичното дело измама од член 247 став 4 во врска со став 1 во врска со член 22 од КЗ продолжува на следната расправа насрочена за 9.11 и 28.11 2023 година во 10:00 часот“,
се наведува во соопштението на Основниот кривичен суд Скопје.

Основниот кривичен суд во Скопје го прифати обвинението за случајот „Моќник“ во октомври 2020 година, а судскиот процес по повеќе одложени рочишта почна на 25 март 2021 година.
Предметот се однесува за продажба на имот во 2011 година (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот му бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра. Имотот, според обвинителството, бил продаден откако таткото на Милошоски и градоначалникот со лажно прикажување и прикривање факти за правниот статус и вистинската вредност ги довеле во заблуда советниците во Општина Македонски Брод дека станува збор за друг објект и тие изгласале одлука за продажба.
Сите обвинети тогаш изјавија дека не го прифаќаат обвинението поднесено против нив и не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.
На Милошоски од Обвинителството му се става(ше) на товар дека искористувајќи ја својата позиција на пратеник дал „особен придонес кон делото“, вршејќи континуиран притисок во органите на државната управа, Државното правобранителство и судовите за да не се поништи купопродажбата, со што овозможил да се реализира последицата од делото.
Во меѓувреме, Антонијо Милошоски до Уставниот суд поднесе и барање за заштита на слободи и права, а во врска со обвинителниот акт против него во случајот „Моќник“.
Тој, застапуван од адвокатот Петро Јанура, го оспори обвинителниот акт наведувајќи дека му е повредено правото на недискриминација, односно забрана на дискриминација по основа на политичка припадност и политичко уверување во смисла на член 110 алинеја 3 и член 9 од Уставот со покренување обвинение кое потоа е одобрено од судија за оценка на обвинителен акт во Основниот кривичен суд Скопје.
Уставниот суд на седница на 1 февруари годинава го отфрли барањето оценувајќи дека обвинителниот акт не претставува поединечен акт со кој се одлучува за поединечни слободи и права за граѓаните, односно за ограничување или одземање одредени слободи и права гарантирани со Уставот, туку станува збор за поднесок, односно едностран процесуален акт кој е основа за водење кривична постапка.
