Новата малопродажна цена на еуродизел БС (Д-Е V) ќе биде 81 денар за литар

Од ноќеска на полноќ дизел-горивата ќе имаат нова цена. Со одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дизелот поевтинува за два денари за литар, а цената на другите нафтени деривати останува иста.
Новата малопродажна цена на еуродизел БС (Д-Е V) ќе биде 81, а на екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) 80 денари за литар. Еуросупер БС-95 и понатаму ќе се продава за 81 денар за литар, еуросупер БС-98 за 83 денари за литар, а мазутот М-1 НС за 45,087 денари за килограм.
Со одлуката, како што велат од РКЕ, се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,97 отсто.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,257 отсто, кај дизелот за 3,292, кај екстра лесното масло за домаќинство за 3,677 и кај мазутот за 1,371 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,155 отсто.
