Кој ќе биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните претседателски избори, според лидерот на партијата, официјално ќе биде познато на почетокот на следната година на партиска конвенција
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е подготвен да седне на лидерска средба што би ја организирал претседателот на Собранието, Талат Џафери, а на која би се разговарало за датумите и роковите за одржување на претседателските и парламентарните избори следната година.
Имено, вчера собранискиот спикер во изјава за МИА рече дека би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и за парламентарни избори само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа. Разговорите, ако се случат, според Џафери, би требало да завршат најдоцна до крајот на годината, затоа што ако се подоцна тоа ќе значи течење на роковите и постапките предвидени со закон.
Мицкоски минатата недела го повика премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на лидерска средба на која би разговарале околу овие прашања.
„Поради тоа апелирав за средба, нека биде организатор и Талат Џафери, јас сум подготвен да појдам да ги аргументираме позициите, да ги фиксираме датумите затоа што ни претстојат претседателски избори, ни претстојат парламентарни избори, техничка влада. Треба и едните и другите да се распишат и можеме да дојдеме навистина во еден тесен рок и не би сакал тој рок да создаде дополнителна тензија и дополнителна политичка или уставна криза“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Општина Ново Село во рамките на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“
Лидерот на опозицијата повика на, како што рече, зрелост кај политичарите и нагласи дека е подготвен во кој било момент и ден да појде на лидерска средба што ќе ја свика Џафери.
„Уште еднаш да апелирам за зрелост кај политичарите во државата, ако тоа е институцијата, а институцијата е Парламентот, таму се распишуваат и едните и другите избори, јас сум подготвен кај Талат Џафери да појдам во било кој момент, во било кој ден кога тој ќе одреди таква лидерска средба на која што би разговарале за датуми за одржување на парламентарните и претседателските избори“,
рече Мицкоски.
Прашан дали во ВМРО-ДПМНЕ е почната внатрепартиската постапка за избор на кандидат за претседател, Мицкоски рече дека кој ќе биде нивниот фаворит официјално ќе биде познато на почетокот на следната година.
„Официјална постапка ќе биде на почетокот на месец јануари затоа што очекувам дека некаде втората половина на март, првата половина на април или пак во април е редовниот рок кога би се случувале тие претседателски избори. Ние сега се наоѓаме на помалку од 100 дена од почеток на кампања. Инаку, официјалниот дел во ВМРО-ДПМНЕ, партиската конвенција за избор на претседателски кандидат би се случувала некаде крајот на јануари, почетокот на февруари и тогаш веќе би имале појасна слика“,
изјави Мицкоски.
Надоврзувајќи се на темата, тој рече дека неофицијално во ВМРО-ДПМНЕ „мериме многу имиња“ и дека во партијата дошле многумина кои изразиле желба да бидат поддржани од партијата за претседателски кандидат.
Според Мицкоски досега се искристализирале 22 имиња, но во периодот што следува тој список ќе биде намален.
„Десетици имаше такви. Некаде околу 22 имиња се искристализираа во таа постапка за мерење. Тоа го правиме веќе неколку месеци. Тој список ќе биде намален во периодот што следи и очекуваме да имаме јасна претстава кој кандидат ќе биде идниот претседател на Македонија, бидејќи јас сум убеден, а тоа го говори и јавното мислење дека претседателскиот кандидат којшто ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ во однос на претседателскиот кандидат на СДСМ во првиот круг ќе има најмалку 100 000 гласа предност“,
рече Мицкоски.
Говорејќи во тој контекст, тој додаде дека кај него постои загриженост за демотивација кај СДСМ и и кај нивните коалициски партнери од албанскиот блок.
„Сега знаете со фингерпринт нема злоупотреба на начин како што досега тие имаа излезност на некои места и повеќе од 100 проценти. Сега тоа така нема да биде на овие претседателски избори. Ќе има еден јасен мониторинг од страна на ВМРО-ДПМНЕ и се плашам дека тоа може да не воведе во една уставна и политичка криза“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски минатата недела го повика премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на лидерска средба на која би разговарале за претстојните избори и за изборниот процес.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, на ова одговори дека нова лидерска средба меѓу него и лидерот на опозицијата може да има во секое време доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтегративниот процес.