Денеска во Основниот граѓански суд во Скопје се одржа подготвително рочиште по тужбата што директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, ја поднесе против членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Владимир Георгиев, за клевета. На рочиштето главен збор стана за одговорот на тужбата од страна на одбраната, која во неа гледа повеќе недостатоци и побара од Судот да се произнесе по овие околности. Според одбраната, тужбата е неуредна и треба да се отфрли, додека пак застапникот на Мојсовски тврди дека нема никакви недостатоци во неа
Судот донесе решени дека ќе се изјасни по приговорот на адвокатот на Георгиев со формална одлука. Доколку оцени дека се основани приговорите, може да ја отфрли тужбата, што треба да биде познато на следното рочиште, кое судијката што го води предметот го закажа на 14 декември
Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Наумче Мојсовски, денеска не дојде на подготвителното рочиште во Основниот граѓански суд во Скопје да се соочи со членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Владимир Георгиев, против кого поднесе тужба за клевета.

Затоа, пак, од друга страна, на рочиштето со тужениот колега дојде претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, како и членовите на ДКСК, Нури Бајрами и Шемши Салаи.
На рочиштето не беше присутен ниту адвокатот на директорот на АМС, Стевица Јосифовски, па тужбата на Мојсовски ја застапуваше полномошникот од адвокатското друштво „Јосифовски“, Владимир Нечаковски.
Аргументите против тужбата ги изнесе Драган Малиновски, кој му е адвокат на Георгиев, а е поранешниот член на Антикорупциска.
Инаку, Мојсовски го тужи антикорупционерот Георгиев откако на почетокот на февруари годинава ДКСК на седница соопшти дека поради сомнеж за злоупотреба и непочитување на ваучер-системот за финансирање фондации и спортски клубови ќе поднесе иницијатива за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт и членовите на Централната комисија на АМС.
На рочиштето главен збор стана за одговорот на тужбата од страна на одбраната, која во неа гледа повеќе недостатоци и побара од судот да се произнесе по овие околности.

Околностите за кои стана збор се однесуваа на два моменти – генералиите на Георгиев наведени во тужбата и тоа што Мојсовски и АМС се застапувани од адвокатска канцеларија, а не од Државното правобранителство на Република Северна Македонија. Поради ова, за одбраната тужбата е неуредна и судот треба да ја отфрли.
За тужителот, пак, приговорите за неуредност на тужбата се неосновани.
„Остануваме во целост кон истакнатите наводи од тужбата. Имајќи предвид дека станува збор за подготвително рочиште, ќе се произнесам само за приговорите за неуредност на тужбата, а другите работи ќе бидат изнесени на главниот претрес. Неоснован е приговорот за неуредност на тужбата од причина што тужбата ги содржи сите податоци“,
рече Нечаковски, кој како застапникот на тужителот прв се произнесе.
Тој посочи дека тужбата е поднесена против Георгиев како физичко лице и додаде дека тоа што судот не ја отфрлил досега значи дека донел одлука дека таа е уредна.
За вториот момент, Нечаковски пред судот рече дека е неоснован и приговорот дека адвокатска канцеларија не може да ја застапува Агенцијата за млади и спорт.
„Агенцијата може да биде застапувана од Државното правобранителство, но не мора“,
рече тој.
Тоа, накусо кажано, беше и сè што наведе адвокатот на тужителот во своето излагање, по што зборот се префрли на тужената странка, чиј адвокат Малиновски беше пообемен во аргументацијата на приговорите на тужбата.
„Јас останувам кон писмениот одговор на тужбата при што во оваа можност ќе извлечам неколку поенти од одговорот, а кои се однесуваат на процесните претпоставки бидејќи функцијата на подготвителното рочиште е да се постават тезите на двете страни“,
рече Малиновски.
Според него, освен името на Георгиев, сè друго во тужбата упатува на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), па во тој контекст наведе:
„Не знам дали на судот му јасно кој е тужениот во оваа постапка, имајќи предвид дека во тужбата како тужен е наведен Владимир Георгиев, член на ДКСК со седиште на булевар ’Пресвета Богородица’ (адресата на седиштето на ДКС н.з.) со наведен даночен број. При што се наведува дека овластено лице на тужениот е Билјана Ивановска. Освен името на Георгиев, сè упатува на органот ДКСК. Оттаму сметам дека судот има можност да го утврди овој недостаток“,
рече Малиновски.

На ова судијката која го води предметот рече дека колегата, мислејќи на адвокатот на тужителот, ќе мора да се произнесе на оваа околност, на што тој договори дека во тужбата јасно е утврдено дека таа е поднесена против Георгиев како физичко лице. По однос на генералиите, тој наведе дека нема обврска да го напише матичниот број, па во тој било напишано „неговото својство за да се обезбеди уредна достава“
Во врска со прашањето кој треба да ги застапува Мојсовски и АМС, Малиновски пред судот рече дека во конкретниот случај тоа мора да биде Државното правобранителство затоа што се бара надомест на штета.
„ДПР на РСМ е исклучиво надлежено кога се бара надомест на штета“,
рече адвокатот на Георгиев.
Тој посочи дека Државното правобранителство може да даде овластување органот, во случајот Агенцијата, сам да се застапува, но во овдека, како што потенцира, тоа не е сторено.
„Ваквата тужба претставува преседан во однесувањето на државните органи, а впрочем лично немам сознание дека некое физичко лице е тужено како дел од колективно тело кое постапува во рамките на своите службени должности. Би сакал да укажам дека тужениот Владимир Георгиев тврдењата кои се предмет на тужбеното барање ги има искажано на седница на ДКСК, при што тој бил задолжен да го реферира конкретниот предмет и сето тоа укажува дека постапувал во рамките на своите службени должности. Ви укажувам и на вториот елемент кој исклучува одговорност, а тоа е дека се она што го кажал на таа седница е содржано во документи, конкретно во извештаи на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Работата на ДКСК се одвива на јавни седници и се одлучува со мнозинство. Тоа не е прашање на избор, туку обврска при работата на ДКСК“,
рече Малиновски.
По ова судијката донесе решение дека судот ќе се изјасни по приговорот на адвокатот на Георгиев со формална одлука.
Доколку судот оцени дека се основани приговорите, може да ја отфрли тужбата, што треба да биде познато на следното рочиште, кое судијката го закажа на 14 декември.

Инаку, на седницата на 3 февруари годинава ДКСК освен што соопшти дека ќе поднесе иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на директорот на Агенцијата за млади и спорт и на членовите на Централната комисија на АМС, најави дека ќе достави и иницијатива до Владата за утврдување одговорност кај нив, а до Управата за јавни приходи (УЈП) ќе иницира да изврши надзор на сите спортски објекти од аспект на користење на средствата што им се доделени по пат на ваучер-системот во периодот од 2020, 2021 и 2022 година.
Според ДКСК, како што беше кажано тогаш од Комисијата, постои сомневање дека претседателот на Агенцијата и членовите на Централната комисија во 2020, 2021 и 2022 година, по пат на искористување на службената положба и несовесно работење, заобиколувајќи ги законските процедури, извршиле распределба на средства, со што го оштетиле буџетот на државата, но и лицата што имале законско право на вакви средства, а не им биле доделени.
„Не почитувајќи ги критериумите за доделување средства по ваучер-системот, постојат сомнежи дека Централната комисија во континуитет од 2020 година досега врши незаконска распределба, односно доделување ваучери на повластени корисници, федерации и клубови, согласно интересот на поединци и групи, можеби и политички партии и ги ставиле во неповолна положба оние спортски субјекти кои не добиле соодветни средства, иако тоа право законски им припаѓало“,
изјави тогаш членот на ДКСК, Владимир Георгиев.
Три дена подоцна Агенцијата за млади и спорт и нејзиниот директор Мојсовски преку писмено соопштение ги отфрлија обвинувањата оценувајќи ги како тенденциозни и целосно неточни и најавија преземање правни процеси.
„Мојсовски: Целосно ги отфрлам наводите на ДКСК како неосновани, неточни и инспирирани од лукративни цели на сомнителни спортски институции“,
гласеше цитатот на почетокот на соопштението, каде што е наведен директорот на институцијата.
„Сакаме да потенцираме дека и на јавната седница на ДКСК, но и преку тенденциозни соопштенија на одредени спортски институции, инспирирани единствено од лукративни цели, се изнесоа еден куп невистини и погрешно утврдени факти за примената на Законот за спортот и подзаконските акти кои се однесуваат во делот на даночните олеснувања, а се во функција на финансиска поддршка на македонскиот спортски систем“,
беше наведено во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на АМС.
Дека Мојсовски поднел тужба за клевета соопшти претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на седница на Комисијата на 12 април. Тогаш Ивановска кажа дека тужена е Комисијата, а се товари за тоа дека јавно објавувала информации за Мојсовски.