Украинскиот претседател во својата оценка за руската армија нагласи дека Русија е послаба отколку на почетокот на војната. Според него, Москва се обидува да го замрзне конфликтот, што не би ѝ помогнало на Украина
Украина ќе направи сѐ за да ја добие војната против Русија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека неговата земја се стреми да ги помине зимските месеци без да ја изгуби иницијативата на бојното поле, пренесуваат британските медиуми.
„Има замор, но ќе направиме се што е можно за да победиме против нашиот непријател, а нашата контраофанзива продолжува, иако бавно, правиме се за да го потиснеме непријателот“,
рече Зеленски за италијанскиот „СкајТг24“.
Зеленски истакна дека Украина ја чувствува поддршката на САД „во овие многу тешки времиња“ и е убеден дека така ќе биде и во иднина.
Украинскиот претседател додаде дека го поканил папата Франциск да ја посети Украина и рече дека би бил среќен доколку се случи таква посета. Притоа тој изрази благодарност до италијанската премиерка Џорџа Мелони, нагласувајќи дека односите меѓу Киев и Рим се засноваат на заеднички вредности.
Украинскиот претседател во својата оценка за руската армија нагласи дека Русија е послаба отколку на почетокот на војната. Според него, Москва се обидува да го замрзне конфликтот, што не би ѝ помогнало на Украина.