Овсјаникова беше прогласена за виновна за „свесно ширење лажни информации за руските вооружени сили“, се вели во соопштението објавено од судот на Телеграм
Рускиот суд во отсуство ја осуди на осум и пол години затвор поранешната новинарка на државната телевизија Марина Овсјаникова, која се појави во информативна емисија со натпис на кој пишуваше „Сопрете ја војната“ и „Ве лажат“. Овсјаникова беше прогласена за виновна за „свесно ширење лажни информации за руските вооружени сили“, се вели во соопштението објавено од судот на Телеграм.
Новинарката, која побегна од Русија пред една година, веќе е казнета за слични прекршоци во август 2022 година. Овсјаникова стана позната во средината на март 2022 година, откако се појави сред вести на сетот на про-Кремљ телевизиската станица за која работеше. Таа носеше натпис со кој ја осуди офанзивата во Украина и „пропагандата“ на медиумите под контрола на владата.
Снимката од нејзината акција, само неколку недели по почетокот на рускиот напад, го обиколи светот. Многу луѓе ја пофалија нејзината храброст, во контекст на репресијата на секој критички глас во Русија.
Во јули 2022 година, таа беше уапсена откако сама протестираше во близина на Кремљ, држејќи натпис кој ја критикуваше воената интервенција во Украина и рускиот претседател Владимир Путин. Во октомври 2022 година, додека била во домашен притвор, побегнала од Русија со својата ќерка. Новинарката моментално е во Франција, стои на нејзиниот Инстаграм профил.
Репресијата во Русија на секој глас што го критикува Кремљ и неговата офанзива во Украина е во полн ек. Голем број опозиционери и обични граѓани беа осудени на долги затворски казни. Десетици илјади Руси, особено противници, новинари и општествени активисти, избраа егзил.