Според заменик градоначалникот Драган Вулин, засега нема повредени лица, а екипите на итната помош интервенирале кај неколкумина пожарникари кои биле изложени на екстремно високите температури

Во објектот на компанијата „Драва интернационал“ во близина на приградската населба Бријест во Хрватска, 40 минути по полноќ, избувнал пожар во складиште за пластика на отворен простор, кој професионални и доброволни противпожарни единици се обидуваат да го локализираат, соопштија од градскиот штаб на Осиек.
Според заменик градоначалникот Драган Вулин, нема повредени лица, а екипите на итната помош интервенирале кај неколкумина пожарникари кои биле изложени на екстремно високите температури.
„Во самиот објект имаше складирани разновидни гасови и запаливи течности, кои се користат во процесот на производство и преработка на пластика. Од самиот почеток го имавме предизвикот како да го преместиме. Тој беше преместен на безбеден дел, кој не бил зафатен од пожарот“,
истакна Вулин.
Тој вели дека пожарот сè уште не е ставен под контрола, а во гаснењето на пожарот покрај Јавната противпожарна станица од Осиек се вклучени и сите доброволни противпожарни единици од градското подрачје.
Началникот на Генералштабот, заменик-префектот Мато Лукиќ, изјави дека ветрот што утринава се засилил не дозволува гаснење на пожарот, кој во моментов го гаснат околу 100 пожарникари со околу 50 возила.
„Ситуацијата сè уште не е задоволителна, не можеме да кажеме дека пожарот е изгаснат и дека чадот е намален, но огнот е забавен и можеме да кажеме дека е спречена поголема катастрофа бидејќи погоните на оваа компанија се полни со запаливи течности и материи, кои при гаснењето се префрлени за да не дојде до поголема трагедија“,
истакна Лукиќ.





Вулин вели дека сите расположливи противпожарни сили, како и багери од градските претпријатија се на терен за да направат коридор и да се спречи ширење на пожарот.

„Засега нема мерења за загадувањето на воздухот, но, имајќи ги предвид огромните количества чад и гасови, се повикуваат граѓаните да ги затворат прозорците и да не излегуваат надвор поради можните штетни ефекти на гасовите поради согорувањето на пластиката. Предупредувањето до граѓаните е во сила до понатамошно известување“,
рече Вулин.
Тој напоменува дека пожарот се случил на депонија, чија површина се проценува на неколку илјади квадратни метри, на која имало складирано пластика во висина од околу пет метри.
Точната причина за пожарот сè уште не е позната и ќе се утврдува со понатамошна истрага.
„По гаснењето на пожарот, полициски службеници ќе извршат увид во соработка со инспектори за противпожарна заштита“,
извести утрово од полицијата.
Според Вулин, со оглед на големината на пожарот, гаснењето може да потрае неколку дена.