Тој предупреди дека земјите од Западен Балкан 20 години чекаат да влезат во ЕУ поради што таму расте влијанието на Русија и Кина
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави дека Украина би можела да ѝ се приклучи на Европската Унија во 2030 година доколку двете страни си ја завршат домашната задача.
„Украина и другите земји кандидати мора да спроведат реформи, да се борат против корупцијата и да ги исполнат законските барања. Нам во ЕУ треба да ни биде јасно што сакаме да постигнеме заедно, кои се нашите приоритети и на што сакаме да трошиме пари. И ние мора да ги забрзаме нашите процеси на одлучување“,
изјави Мишел во интервју за „Шпигел“.
Тој предупреди дека земјите од Западен Балкан 20 години чекаат да влезат во ЕУ поради што таму расте влијанието на Русија и Кина.
„Просперитетна и безбедна Украина е во интерес на Европа. Нивниот неодамнешен отпор кон Русија покажа дека Украина ѝ припаѓа на ЕУ. И тоа наскоро, не еден ден. Ова ќе докаже дека ЕУ е способна за геополитичко дејствување“,
рече Мишел.
На забелешката на германски новинар од весникот дека САД досега обезбедиле повеќе воена помош за Украина отколку сите земји на ЕУ заедно, Мишел рече дека ова не е натпревар. Тој додаде дека геополитичкото влијание не се мери секогаш само со воена моќ. Мишел посочи и дека има итна потреба да се преговара за миграцијата со земји надвор од ЕУ и дека оваа тема ќе биде на дневен ред на неформалниот самит во Гранада.