Меѓу жртвите, од кои две починале во амбулантното возило на пат кон болница, има и две деца. Загинат е и возачот на автобусот кој бил Италијанец. Повредените, меѓу кои и три деца, се префрлени во болниците во Местре, Мирано, Тревизо, Доло и Падова, а четворица од нив се во тешка состојба, пренесуваат италијанските медиуми

Најмалку 21 лице, од кои две деца, сe загинати, а повеќе од 18 се повредени откако вечерва околу 20 часот, автобус паднал од надвозник во близина на Венеција, јавуваат италијанските медиуми.
„Меѓу жртвите, од кои две починале во амбулантното возило на пат кон болница, има и две деца. Загинат е и возачот на автобусот кој бил 40-годишен Италијанец. Повредените, меѓу кои и три деца, се префрлени во болниците во Местре, Мирано, Тревизо, Доло и Падова, а четворица од нив се во тешка состојба. Префектурата Венеција веднаш го активираше координативниот центар за спасување“,
се вели во известувањето на италијанските медиуми кои од минута во минута ги обновуваат информациите.
At least 20 deaths in a bus crash in #Mestre #Italy. The vehicle fell for 30m. Still no further information on the accident pic.twitter.com/Q7BKEKmgnL
— Globe Clips (@globeclip) October 3, 2023
Автобусот излетал од патот нешто пред 20 часот и паднал во близина на железничка линија во областа Местре, која е поврзана со Венеција преку мост, пренесуваат италијанските новински агенции.
„Последната вест е дека станува збор за автобус кој превезувал туристи. Најдовме украински документи. Сега сè уште ги извлекуваме последните тела, многумина се уште се заглавени. Причината за несреќата се уште не е јасна. Тоа е апокалиптична сцена. Јас сум без зборови“,
објави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро на социјалната мрежа „Икс“.
Претседателот на регионот Венето, Лука Заја вели дека веднаш била активирана целата мрежа и повредените се пренесени во болниците во Местре, Мирано, Падова и Тревизо.
„Користени се повеќе од 20 амбулантни возила. Жртвите и повредените се од различни националности, не само Италијанци. Операциите за извлекување и препознавање на телата се уште се во тек, спроведени од Противпожарната бригада, полициската станица и здравствените работници, на кои им благодарам за напорите. Побарав од целиот наш здравствен систем да ги стави на располагање сите можни ресурси за да се обезбеди максимална помош“,
рече Заја.
Според министерот за внатрешни работи Матео Пјантедоси автобусот летал триесетина метри, а пожарот брзо се развил поради тоа што возилото било на метан. Сепак, како што информираат властите, дефинитивна проценка за причината на несреќата сè уште не е можна бидејќи возилото не е отстрането поради ризик од нов пожар затоа што имало двоен погон, на струја и на метан.

Во тек се подготвителни активности за отстранување на автобусот, а како што пренесуваат италијанските медиуми на терен има околу шеесетина пожарникари со дваесетина возила кои чекаат возилото да се излади за да може да го подигнат.
Италијанските медиуми пренесуваат дека автобусот патувал од Венеција до Маргера и најверојатно се враќал по еднодневна посета на градот, а несреќата се случила на само три километри од кампот Ху каде била крајната дестинација.
Властите од регионот ги информирале сите конзуларни претставништа, со оглед на тоа дека најверојатно повеќето од жртвите се странски државјани.
Скај Италија пренесува дека во автобусот имало група украински граѓани и некои германски државјани. Овие информации наводно биле добиени по наоѓањето на пасошите на патниците. Меѓу идентификуваните жртви во автобуската несреќа има пет украински државјани, еден Германец, како и француски државјани.
Италијанската премиерка Џорџa Мелони изјави дека нејзините мисли се со жртвите.
„Моите мисли оваа вечер се со семејствата и пријателите на жртвите од тешката несреќа во Местре. Премногу луѓе ги загубија животите во оваа трагедија. Посакувам брзо закрепнување на сите повредени”,
рече Мелони.

Претседателот на регионот Венето Лука Заја соопшти дека утре во сите регионални канцеларии на Венето знамињата ќе бидат истакнати на половина копје, во знак на јавна жалост по тешката несреќа што се случи во Местре.