Нема сомнеж дека е дојдено до повлекување на помал дел од војниците и дека во таа смисла работите се движат во добра насока, а ние имаме потврда за намалениот број војници. Проблемот овде не е воен, туку е всушност политички, вели Хил

Американскиот амбасадор во Србија Кристофер Хил смета дека повлекувањето на војниците од административната линија и апсењето на Милан Радоичиќ се добар чекор и дека во интерес на Вашингтон е да се најде политичко решение за ситуацијата на Косово.
Хил во интервју за агенцијата „Танјуг“ изјави дека нема сомнеж оти помал дел од војниците се повлечени и оти во таа смисла работите се движат во добра насока.
„Можам да кажам и дека имаме потврда за намалениот број војници. Проблемот овде не е воен туку, всушност, политички“,
рече Хил.
Тој посочи дека зголеменото присуство на војници долж административната линија со Косово предизвикува загриженост и дека САД побарале од српското раководство да ги повлече војниците.
„Многу ни е драго што можеме да кажеме дека тоа се случи“,
вели Хил.
Зборувајќи за настаните во Бањска на 24 септември, Хил рече дека ЕУ и САД сакаат да знаат што точно се случило тогаш.
„Мислам дека апсењето на Радоичиќ, кој се чини дека ја призна вината за повеќето работи што се случија, беше добар чекор. Сепак, мислам дека сите сакаме да знаеме за што всушност се работи, што сакаа да постигнат, од каде го добија сето оружје и муниција“,
рече американскиот дипломат, додавајќи дека разговорот за вистинските прашања зависи од јасното разбирање за тоа што всушност овие луѓе се обидувале да направат и што сакале да постигнат.
Тој напомена дека Србите мора да знаат што можат да очекуваат од животот на Косово и дека е неопходно да се формира Заедницата на српските општини, а Приштина, пак, очекува можност да се приклучи на различни безбедносни и економски меѓународни организации.
„Мислам дека на маса се токму оние елементи кои припаѓаат таму и знам дека е тешко да се фокусираме на нив, особено кога ја видовме кризата во последните неколку дена, но кризата не значи дека можете да го игнорирате она што треба да се направи, а тоа е да се постигне политичко решение“,
нагласи Хил.
Хил нагласи дека во интерес на САД е да продолжат да изнаоѓаат политичко решение врз основа на јасните елементи кои се дел од договорот постигнат пред пет или шест месеци.
„Сакаме да го видиме формирањето на ЗСО. Праведно е да се каже дека Курти не е ентузијаст за тоа, но мислам дека тој разбира дека тоа е еден од клучните елементи на масата, исто како што треба да продолжиме со интернационализација, што подразбира можност Косово да се приклучи на различни меѓународни организации. Тоа не се лесни чекори за српската страна, но тоа е дел од севкупниот договор“,
рече Хил.
Тој истакна дека сите треба да ги смират тензиите и да сфатат дека наскоро Србите и Албанците на Косово ќе треба да најдат начин да живеат како соседи.
„Овие видови кризи мора да бидат заменети со политички процес што ќе ги натера сите да се чувствуваат удобно, за кога ќе се разбудат наутро да не мора да се грижат за безбедносните проблеми. Наша цел е да го сториме тоа“,
рече Хил.
На прашањето за иднината на дијалогот меѓу Белград и Приштина и договорот од Брисел и Охрид, американскиот амбасадор посочува дека дијалогот мора да продолжи без разлика колку е тежок за учесниците.
„Што се однесува до улогата на САД, ние сме многу посветени на дијалогот, секојдневно сме во контакт со сите страни – Србија, претставниците од Приштина, но особено со нашите партнери од Европската Унија. Мислам дека сите во Балканот треба да разбере дека Америка и Европската Унија имаат многу работи што треба да ги направат заедно и ќе ги направиме заедно. Нема да бидеме поделени за прашања како Косово, ќе бидеме обединети. Мислам дека ќе се вратиме на процесот на дијалог и Лајчак, кој понесе тежок товар со тоа, очигледно ќе мора да продолжи да го прави тоа некое време“,
рече Хил.
Тој нагласи дека САД се апсолутно посветени на успехот на процесот на дијалог бидејќи веруваат дека тоа е единствениот начин да се оди напред.