Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат предлог-законот за амнестија и дека ќе го блокираат со амандмани
Владата го испратила предлог-законот за амнестија до Собранието, информираат од Кабинетот на спикерот Талат Џафери.
Законот е предложен да се носи по скратена постапка, а претседателот на Собранието веќе го доставил до пратениците.
Предлог-законот за амнестија што го предлага министерот за правда Кренар Лога ги опфаќа македонските државјани кои се осудени од странски или меѓународен суд согласно кривичните закони на странска држава, а казната ја издржуваат во С Македонија откако пресудата е признаена од надлежен суд во земјава, согласно ратификуван меѓународен договор.
Со законот се предлага целосно ослободување на лицата на кои им е изречена казна затвор до шест месеци, а за осудениците кои со правосилна пресуда се осудени на казна затвор поголема од шест месеци, се предлага ослободување од издржувањето на 30 отсто од целокупната казна.
Предлогот на законот не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.
Амнестијата нема да важи ниту за кривичните дела разбојништво, разбојничка кражба, измама на штета на средствата на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп, давање поткуп, давање награда за противзаконито влијание и за примање награда за противзаконито влијание, сите од Кривичниот законик.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да го поддржат предлог-законот за амнестија и дека ќе го блокираат со амандмани.
Според лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, со носењето на ова законско решение, власта има намера да ги ослободи криминалците коишто служат затворски казни бидејќи, како што рече, таа тоа им го ветила. Со законот, додаде Мицкоски, целосно или делумно ќе се ослободат дел од затворениците во затворите, а потоа, како што рече, „истите тие криминалци ќе се најдат на улица и ќе ѝ прават проблем на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оцени дека носењето на предлог-законот за амнестија нема да има никакви конкретни ефекти и нема да ја смени состојбата со пренатрупаноста на затворите. Покрај тоа што смета оти моментот на носењето на законот е несоодветен, првиот човек на МВР изјави дека наместо амнестија, државата треба да размислува за зголемување на капацитетите на затворите.
Премиерот Димитар Ковачевски најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман на Предлог-законот доколку со него постои можност се амнестираат осудени лица од убиството кај Смилковско Езеро. Имено, дел од медиумите објавија дека предложениот закон за амнестија ги опфаќа и Хаки и Фејзи Азири осудени за помагање во случајот „Монструм“.
„Штом законот влезе во собраниска процедура, доколку има такви случаи кои ги наведувате, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој истите ќе бидат исклучени од можноста за амнестија“,
рече Ковачевски.