Апсењата доаѓаат два дена по бомбашкиот напад во Анкара, за кој одговорноста ја презеде ПКК. Двајца напаѓачи во неделата извршиле бомбашки напад пред зградата на МВР во Анкара, при што двајца полицајци биле полесно повредени. Еден напаѓач се разнел, а другиот бил убиен од полицијата, соопштија претходно локалните власти
Во текот на ноќта турската полиција уапсила приближно 145 лица ширум земјата, кои се осомничени дека имаат врски со забранетата Курдска работничка партија (ПКК), објавија денеска државните медиуми, јавува Ројтерс.
Апсењата доаѓаат два дена по бомбашкиот напад во Анкара, за кој одговорноста ја презеде ПКК. Двајца напаѓачи во неделата извршиле бомбашки напад пред зградата на МВР во Анкара, при што двајца полицајци биле полесно повредени. Еден напаѓач се разнел, а другиот бил убиен од полицијата, соопштија претходно локалните власти.
Турција потоа изврши воздушни напади врз позициите на ПКК во северен Ирак и ги приведе осомничените во Истанбул во текот на ноќта, неколку часа откако курдската организација ја презеде одговорноста за нападот.
Најновите полициски операции беа фокусирани на југоисточната турска провинција Канлиурфа.
„Против разузнавачките единици на курдската милитантна група ПКК низ целата земја беа извршени 466 операции“,
објави денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја на платформата Икс (Твитер).
Тој претходно најави дека турските власти спроведуваат широка антитерористичка операција во 18 турски провинции.
Агенцијата Бета, повикувајќи се на АП, објави дека турската полиција уапсила 67 лица во акција против ПКК. Министерот Јерликаја потоа објави дека полицијата извршила рација во 16 турски провинции во кои биле уапсени 55 лица осомничени дека се дел од „разузнавачката структура“ на ПКК. Уште најмалку 12 осомничени членови на ПКК се уапсени во посебна акција во пет провинции, напиша тој на социјалната мрежа Х.
Повеќедецениска борба
Министерот не кажа дали уапсените се осомничени за директна вмешаност во нападот во Анкара.
Агенциите потсетуваат дека ПКК веќе неколку децении се бори внатре во Турција, а Европската Унија и Соединетите Американски Држави ја сметаат за терористичка организација. Од почетокот на вооружените конфликти загина десетици илјади луѓе.
Во неделата, бомбаш самоубиец активираше експлозивна направа во близина на влезот на Министерството за внатрешни работи, неколку часа пред турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се обрати во парламентот. Вториот бомбаш бил убиен во престрелка со полицијата. Во нападот полесно се ранети двајца полицајци.
ПКК ја презеде одговорноста за нападот, додека турските власти идентификуваа еден од напаѓачите како член на ПКК. Неколку часа подоцна, турските воздухопловни сили извршија воздушни напади врз наводните локации на ПКК во северен Ирак, каде што се наоѓа нејзиното раководство. Министерството за одбрана соопшти дека во нападите биле „неутрализирани“ голем број членови на ПКК.