Соопштение со истата содржина објави и бугарското Министерство за надворешни работи

Состанок на експертските работни групи на министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и на Република Бугарија вчера се одржал во Скопје, соопштија од Министерството за надворешни работи.
„Во текот на состанокот двете страни заемно се информираа за текот на реализацијата на преземените ангажмани согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и Протоколите од одржаните средби на Заедничката меѓувладина комисија согласно чл. 12 од Договорот“,
се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи.
Инаку, во соопштението е потенцирано и дека посебно внимание во разговорите било посветено на главните теми од билатералниот политички дијалог, активностите за унапредување на меѓуинституционалната соработка и комуникација во функција на зацврстување на меѓусебната доверба.
Соопштение со истата содржина објави и бугарското Министерство за надворешни работи.
Кон крајот на јули годинава експертските групи од министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија одржаа состанок во Софија.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи тогаш изјави дека ова е добар почеток во комуникацијата со соседна Бугарија по кризата во односите меѓу двете држави пред неколку месеци.
„Разговорите се одвиваа во конструктивна атмосфера, се разговараа сите аспекти на билатералната соработка помеѓу двете држави и ќе продолжуваат со поголем интензитет овие средби. Мислам дека веќе на крајот на септември може да биде наредната средба во Скопје. Продолжуваме со поредовна комуникација, бидејќи секогаш тезата ни била дека доколку ние не комуницираме, ќе дозволиме други да комуницираат“,
истакна тогаш Османи.
Оваа работна група, како што истакна, ќе се договори кога ќе се активираат секториските групи.
„Најважно беше да се вратиме во една нормална комуникација бидејќи во последните месеци, за жал, комунициравме преку медиуми, соопштенија“,
рече Османи.
