Додека многу училишта во близина на линиите на фронтот беа принудени да преминат на онлајн настава во текот на војната, градот Харков пред почетокот на учебната година организираше околу 60 посебни училници низ метро-станиците со капацитет за повеќе од 1 000 деца
Источната украинска метропола Харков ќе го гради првото целосно подземно училиште во земјата за да ги заштити учениците од честите гранатирања и руски ракетни напади, соопшти градоначалникот Игор Терехов, пренесува „Гардијан“.
„Таквото засолниште ќе им овозможи на илјадници деца од Харков да го продолжат своето образование безбедно лице в лице и за време на ракетни закани“,
напиша градоначалникот Терехов на апликацијата Телеграм.
Сепак, во објавата тој не прецизира кога ќе биде отворено подземното училиште и колкав ќе биде неговиот капацитет.
Додека многу училишта во близина на линиите на фронтот беа принудени да преминат на онлајн настава во текот на војната, градот Харков пред почетокот на учебната година организираше околу 60 посебни училници низ метро-станиците со капацитет за повеќе од 1 000 деца.
Делови од вториот по големина украински град се наоѓаат на помалку од 35 километри од руската граница. Градот е цел на речиси секојдневни ракетни напади кои можат да бидат кобни за локалните жители пред тие да стигнат до засолништата.
Инаку, според последните информации што утрово ги пренесува Ројтерс, украинските сили тврдат дека во текот на ноќта уништиле 28 од 31 беспилотно летало, лансирани од Русија и една крстосувачка ракета.
Повеќето од нив биле насочени кон регионите Миколаев и Днепропетровск.
Нападите во текот на ноќта дошле во неколку бранови и траеле повеќе од три часа, соопшти претходно јужната команда на украинските сили.
Засега, како што наведува Ројтерс, ваквите наводи не можат да бидат независно потврдени.