Дента на несреќата, осомничениот за убиството на скопјанецот, го извршил делото во станот на сега веќе починатиот, нанесувајќи му 45 убодни рани во пределот на вратот и телото. Убиството се случило рано утрината, а следело по кратка расправија со жртвата
Позади убиството и опожарувањето на станот во скопски Хром, кои се случија минатата недела, стојат мајка и син, објави денеска Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје изнесувајќи детали за настанот.
Дента на несреќата, на 22 септември, осомничениот за убиството на 35-годишниот скопјанец, го извршил делото во станот на сега веќе починатиот, нанесувајќи му 45 убодни рани во пределот на вратот и телото. Убиството се случило рано утрината, а следело по кратка расправија со жртвата.

Осомничениот потоа неколку пати телефонски ја побарал мајка си. Таа зела пластично шише, отишла до најблиската бензиска пумпа, купила литар и пол бензин и заедно со својот син го подметнала пожарот во станот, со цел да се прикријат трагите за стореното убиство.
„Со подметнатиот пожар тие предизвикале значителна опасност по животот на станарите што живеат во зградата“,
се наведува во соопштението на Обвинителството.
Осомничениот за убиството е во бегство и по него МВР распиша централна потерница.
Неговата 59-годишна мајка е уапсена, по што ѝ е одреден 30-дневен притвор.
Станот во скопската населба Хром беше опожарен на 22 септември, а во него беше пронајдено безживотно тело на 35-годишен скопјанец.
Обдукцијата на телото покажа дека смртта на мажот била насилна и дека тој се здобил со убодни рани кои му претходеле на пожарот.