Меџити изрази жалење за доцнењето на овој тендер посочувајќи дека заедно со Здружението на дијабетичари го правеле невозможното последните неколку месеци за тој тендер да може побрзо да се објави
Нема да се случи доцнење на тендерите или јавните набавки за лекови додека сум министер за здравство, вели Фатмир Меџити во однос на набавката на глукомерите и лентите за дијабетичарите.
Меџити изрази жалење за доцнењето на овој тендер и посочи дека заедно со Здружението на дијабетичари го правеле невозможното последните неколку месеци за да може тој тендер побрзо да се објави.
„Од моментот кога се објавува тендерот, компанијата што ги носи глукомерите и лентите има рок од три до шест месеци, што во овој случај не беше пракса. Ги замоливме претставниците од компанијата, беа во два наврати кај мене за да можеме што побрзо да ги набавиме овие глукомери и лентите, за да можат дијабетичарите нормално да го добијат тоа што им е свето право, што им е загарантирано и со закон“,
изјави министерот.
Во однос на поплаките за тоа дека добиените глукомери дошле во несоодветно пакување и без упатство за употреба, министерот потенцира дека реагирале компанијата во иднина да го поправи тоа.
„Ние направивме напори и ја замоливме компанијата тие да се стават во кутија и да имаат упатства, во иднина да не се носат така. Нормално дека дијабетичарите во овој случај имаат право, но законите се тие во државата за јавни набавки и ние мораме да ги испочитуваме. Јас како министер и Министерството за здравство ви гарантираме дека се квалитетни, ефективни и добри“,
рече министерот.
Меџити ги негираше шпекулациите дека глукомерите биле во некој магацин.
„Не е вистина, може да проверите во Царина. Од 14 септември 2023 тие се поминати, царинети, стандардизирани со сите протоколи, со сите документи“,
посочи министерот.
Во однос на прашањето кога би се вовело ред за проблемот на дијабетичарите, министерот изјави дека не можат преку ноќ да ги сменат работите.
„Доколку дијабетичарите имаат шест месеци проблеми за кој јас навистина жалам, има 15 години проблеми со ажурирање на позитивна листа. Го немаше тоа, сега го има. Навистина, за седум месеци толку можевме. Преку ноќ нема да ги смениме работите“,
изјави министерот за здравство.
Според него, за ова е потребно систематско решение.
Министерот сподели дека неделава се стигнати 5 000 глукомери, а се очекува следниот месец да пристигнат уште 17 000.