Поплави низ улици и во подруми на згради, училишта и подземната железница во најнаселениот град во САД
Рекордно ниво на дожд го преплави канализациониот систем во Њујорк во петокот, што резултира со поплави низ улици и во подруми на згради, училишта и подземната железница во најнаселениот град во САД.
Како што пренесуваат американските медиуми, нивото на водата се зголемило брзо, што било причина за загрозување на безбедноста на њујорчани во петочниот утрински шпиц.
Рекордното ниво на дожд што падна во еден ден е највисоко измерено од 1948 година.
Според научниците, овие врнежи се „симптом“ на климатските промени, кога затоплената атмосфера дејствува како масивен „сунѓер“ кој е способен да испушти повеќе водена пареа и потоа да ја исцеди во интензивни изливи.
„Генерално, како што знаеме, овој променлив временски модел е резултат на климатските промени. Тажна реалност е што нашата клима се менува побрзо отколку што нашата инфраструктура може да одговори“,
изјави Рохит Агарвала, главен директор за климатски услови во Њујорк на прес-конференција.
Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, прогласи вонредна состојба во Њујорк, Лонг Ајленд и долината Хадсон во петокот наутро како најтешко погодени од поплавите.
Во интервју за њујоршката телевизија WNBC-TV, таа ги повика жителите да останат дома поради широко распространетите опасни услови за патување.
„Ова е голем предизвика за нас. Ова е настан што ги менува животите. И сакам сите њујорчани да внимаваат на предупредувањата за да бидеме безбедни“,
изјави Хочул.
Поради изливањето на реките, предупредувања за опасност од поплави има во Конектикат, Њу Џерси и јужен Њујорк.