На синоќешната владина седница во Ереван, ерменскиот премиер Никол Пашинјан ја обвини соседната земја за етничко чистење
Околу 85 илјади луѓе побараа засолниште во Ерменија откако Азербејџан го зазеде спорниот регион Нагорно-Карабах во Јужен Кавказ. Портпаролката на владата Назели Багдасарјан во ерменскиот главен град Ереван изјави дека се работи за луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови.
Според официјални, но непроверени информации, порано во Нагорно-Карабах живееле 120 илјади Ерменци од Карабах. Азербејџан, кој е управуван од авторитарен режим, во воена офанзива минатата недела ја презеде целосната контрола врз регионот кој е оспоруван со децении.
Непризнатата Република Арцах, која управуваше со Нагорно-Карабах, потоа капитулира и оваа недела исто така објави дека ќе престане да постои од 1 јануари следната година. Азербејџанската влада и Русија, која се смета за заштитничка сила на Ерменија, рекоа дека нема причина луѓето да бегаат. Сепак, Ерменците од Карабах стравуваат од прогон и насилство од азербејџанската страна.
Постои дополнителна, религиозна димензија на конфликтот бидејќи Ерменците се православни христијани, а Азербејџаните се муслимани. На синоќешната владина седница во Ереван, ерменскиот премиер Никол Пашинјан ја обвини соседната земја за етничко чистење.
Анализата на ситуацијата покажува дека во наредните денови нема да има повеќе Ерменци во Нагорно-Карабах, рече Пашинјан. Според извори од ерменската влада, во близина на Нагорно-Карабах е формиран хуманитарен центар за бегалци.