Сексистичкиот настап е неодговорно нешто за вицепремиер, тој само тоне повеќе со лагите, еден ден ќе се одговара за се што е казниво, рече Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва ги коментираше денешните случувања во Собранието и според него нормално е да се побара оставка од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
„Зарем вие се сомневате во примитивноста на тој господин, јас не се сомневам. И токму тоа што го кажа пратеничката Дафина Стојаноска, тоа и се случило на денешната парламентарна седница. Може да глумите многу во животот, но, вашето лице порано или подоцна излегува на површина“,
рече Мицкоски во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21.
Мицкоски рече дека е срамно тоа што го направил Маричиќ.
„Срамно е тоа што го направи Маричиќ, кога мислам дека дури ги руши границите на примитивизмот, тој покажува дека може уште попримитивно. Сексистичкиот настап е неодговорно нешто за вицепремиер, тој само тоне повеќе со лагите, еден ден ќе се одговара за се што е казниво“,
рече Мицкоски.
Според Мицкоски, Маричиќ нема сам да поднесе оставка, ќе сака, како што рече, да остане уште некој месец за да ги ужива привилегиите, но после тоа ќе мора да се соочи со одговорност.
На прашањето дека нема собраниски снимки кои ќе го покажат однесувањето на Маричиќ, Мицкоски рече дека не сака да навлегува во тоа и додаде дека тоа што го кажува пратеничката Стојаноска тоа и се случило.
На денешната собраниска седница за пратенички прашања, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска од говорницата го обвини вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ дека ѝ праќал бакнежи и намигнувања.
По ова, Маричиќ се огласи на Фејсбук за да демантира. Во неговата реакција се вели дека најостро ги демантира, какошто вели, недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски од говорницата побара коментар од премиерот Димитар Ковачевски за однесувањето на вицепремиерот Маричиќ. Ковачевски застана во одбрана на Маричиќ и рече дека тој ниту испраќал бакнежи ниту гестикулации и рече дека вицепремиерот веќе испратил демант.
По ова пратеничката Стојаноска процедурално доби збор и од говорницата побара оставка од Маричиќ, а додека таа говореше и останатите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, кои беа во салата, застанаа зад неа извикувајќи „оставка“.
Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој ја водеше седницата, и рече на Стојаноска дека нема да дозволи преку неговиот грб пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се пресметуваат кој е за Мицкоски, кој е за Никола Груевски и дека е очигледно дека пратениците од опозициската партија не сакаат седница за пратенички прашања. Потоа ја прекина седницата, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласно реагираа на неговата забелешка.
