Пратеници од четири партии од српскиот опозициски блок обвинија дека политиката на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата СНС довеле до ваквиот, како што го нарекуваат, дебакл во Косово. Додаваат дека не би биле изненадени од наводите на Косово оти потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ учествувал во трагичниот настан, а тоа, како што велат, не би можел да го стори без „амин“ од Вучиќ
Дел од опозициските парламентарни партии во Србија го обвинија српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата владејачка Српска напредна партија (СНС) за последниот инцидент во Косово, во кој загинаа еден косовски полицаец и тројца напаѓачи, јави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Претседателот на опозициското Национално движење на Србија (НПС), пратеникот Мирослав Алексиќ, изјави дека Вучиќ и потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, се „најодговорни за крвопролевањето во Бањска“.

Коментирајќи го видеото кое го објави косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечла, а на кое тврди дека се гледа потпретседателот на Српската листа во целосна воена опрема во манастирот Бањска, Алексиќ изјави дека политиката на Српската листа, Српската напредна партија и Александар Вучиќ кон Косово доживеала дебакл.
„По вооружениот конфликт во Бањска, во кој загинаа најмалку четири лица, Вучиќ ќе мора да поднесе оставка. Милан Радоичиќ не можел да вооружи неколку десетици Срби на северот на Косово без знаење и одобрение на Вучиќ и српските безбедносни служби. Тие двајца се најодговорни за пролеаната крв во Бањска“,
рече Алексиќ.
Пратеникот од опозициската Демократска партија (ДС), Срѓан Миливојевиќ, пак, изјави дека Вучиќ ќе мора да поднесе оставка бидејќи, како што рече, во еднодневната војна помеѓу него и косовскиот премиер Албин Курти, ја жртвувал српската младина во Косово. Коментирајќи ги наводите на косовскиот министер Свечла, Миливојевиќ рече дека учеството на Радоичиќ во трагичниот настан не би бил изненадување.
„Доколку Радоичиќ учествувал во тој налудничав чин, тогаш апсолутно е јасно дека зад се стои режимот во Белград на чело со Александар Вучиќ. Да го организирал Радоичиќ или некој друг без согласност и наредба од Белград, тој веќе ќе бил уапсен или беше крајот за Вучиќ“,
рече пратеникот од опозициската Демократска партија, пренесе РСЕ.
Претседателот на опозициското десно ориентирано движење Двери, Бошко Обрадовиќ, побара од владата на Србија да го соопшти бројот и имињата на сите убиени, ранети и уапсени Срби во Косово во претходните два дена. Тој оцени дека е „особено скандалозно“ владејачкиот режим да ја префрла одговорноста на Србите од Косово.
„Тоа се Срби и граѓани на Србија за кои државата има обврска да се грижи“,
изјави Обрадовиќ, велејќи дека тие се „жртви на терористичките и сепаратистичките власти во Приштина“.
Претседателот на десничарската опозициска Нова демократска партија на Србија, Милош Јовановиќ, пак, рече дека последните настани во Косово покажуваат оти владата на СНС и нејзината „катастрофална политика“ кон Косово мора да се смени.
„Ова е крајот и оваа трагична ситуација покажа дека треба да ги разнишаме и суштински да ги промениме работите во Србија. Недостојно се однесуваат во оваа ситуација и мора да заминат“,
изјави Јовановиќ.
Српската листа е најголемата партија на косовските Срби која ја има поддршката од Белград. Нејзиниот потпретседател, Милан Радоичиќ, кого Косово го обвини за вмешаност во вооружениот напад од викендов, е на црната листа на САД поради корупција и меѓународен криминал.
Српскиот претседател Александар Вучиќ досега ги коментираше наводите дека Радоичиќ бил вмешан во инцидентот на северот на Косово.