Прашана дали активностите на, сега веќе протераните руски дипломати, биле насочени против припадници на македонската Армија, министерката Славјанка Петровска кажа дека Армијата и Министерството за одбрана се безбедни и имаат развиено систем на заштита од вакви или слични злонамерни влијанија кои се сметаат за спротивни на стратегиските и националните интереси на земјава
Тројцата руски дипломати кои на 12 септември беа протерани од земјава се лица кои работеле спротивно на дипломатските правила на државата и се обиделе, односно сакале да се вмешаат малку повеќе во стратегиските и националните интереси на Северна Македонија.
Ова на денешната прес-конференција со својот словенечки колега Марјан Шарец го изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска откако беше прашана дали активностите на, сега веќе протераните руски дипломати, биле насочени против припадници на македонската Армија.

Одговарајќи на прашањето, Петровска рече оти Армијата и Министерството за одбрана се безбедни и имаат развиено систем на заштита од вакви или слични злонамерни влијанија кои се сметаат за спротивни на стратегиските и националните интереси на земјава.
„Следствено на тоа сакам да ја поздравам и работата не само на военото разузнавање, туку и на другите безбедносно-разузнавачки служби, кои очигледно добро си ја работат својата работа. Закана од таков тип директно кон припадници на Министерството или на Армијата не сме детектирале“,
рече Петровска.
Говорејќи во оваа насока, министерката нагласи дека стратегиската цел на С Македонија е членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ), а оти секој што ќе се обиде да го попречи тој пат може да се смета за непријател на земјата, особено, ако, како што рече тоа сака да го направи преку мешање во работата на институциите.
Руската амбасада во земјава минатата недела информираа дека тројца руски дипломати се прогласени за персона нон грата, односно за непожелни во земјава од страна на македонските власти. Протерувањето на тројцата дипломати, Русија го оцени како неодговорен и непријателски чин и најави дека нема да остане без одговор.
Покрај тројцата дипломати, забрана за влез во земјава доби и шефот на руското црковно предворје во Софија, архимандритот Васијан Змеев.
Змеев, како што тогаш објави Религија.мк е рускиот црковен претставник на Московската патријаршија, кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и зачестени средби високи претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Тој ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со особено влијание во Бугарија и во С Македонија.
Според неофицијални информации на порталот, негова заслуга бил застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.