Ова, на денешниот протест пред Владата го порачаа граѓаните кои по четврти пат протестираат поради наводите објавени во дел од медиумите оти на Клиниката за онкологија се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор
Ако до 1 ноември нема никаква институционална разврска за случајот „Онкологија“, ќе се бара поддршка од меѓународната заедница за јавно објавување на сите детали од случајот.
Ова, на денешниот протест пред Владата го порачаа граѓаните кои по четврти пат протестираат поради наводите објавени во дел од медиумите оти на Клиниката за онкологија се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.

„Доколку до 1 ноември не се одговори на ултиматумите на организаторите на овој протест, заедно здружени колеги уметници, новинари, невладини организации и граѓански здруженија ќе побараме и меѓународна поддршка за овие протести и обелоденување на сите сознанија од Онкологија“,
истакна на денешниот протест Даријан Петров, активист, театарски актер.
Како и претходните три, и денешниот протест се одржа под мотото „Правда за жртвите“, а овој пат наместо пред Јавното обвинителство, протестниот марш заврши пред Министерството за здравство.

Граѓаните на денешниот протест побараа истрага за инволвираноста во случајот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче и ексдиректорот на Клиниката, Нино Васев, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, како и проширување на истрагата за работата на Детска онкологија.
Побараа правосилни пресуди за сите инволвирани во случајот „Онкологија“, но и обелоденување информации од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово и одговорност од Јавното обвинителство кое одлучи дека нема кривично дело во случајот со малата Јана од Битола.
Инаку, во петокот Јавното обвинителство поднесе обвинение за проневера против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која крадела цитостатици.