Над 700 туристи биле евакуирани од хотелите каде што престојувале само за една ноќ како резултат на шумските пожари, во кои според првичните официјални информации, животот го загубиле две лица. Шумските пожари беснеат втор ден и се резултат на високите температури и силниот ветер кој дува во северниот дел на италијанскиот остров Сицилија.
Во градот Чефалу кој се наоѓа источно од Палермо, 42-годишна жена го загубила животот додека се обидувала да ги спаси своите коњи. Таа во моментот кога починала била со нејзиниот татко и браќа, а се верува дека причината за смрт кај неа било задушување со чад, по што се онесвестила и паднала во кањон. Втората жртва е 68-годишен маж кој бил пронајден мртов во неговата изгорена куќа западно од Палермо.
Околу 300 пожарникари цела вечер се обидуваат да го изгаснат огнот, а напорната битка ќе продолжи и во текот на денешниот ден.
