Уапсен е 58-годишен жител на Драч, кој пристигнал од Италија и се обидел да ги внесе во Албанија, без да ги пријави парите и лековите што ги сокрил во своето возило, соопшти полицијата
Албанската полиција во пристанишниот град Драч запленила 251.295 евра и поголема количина медикаменти, кои не биле пријавени според важечките албански закони. Оваа акција е во рамките на последователните операции за уништување криминални групи кои се обидуваат да перат пари, како и за запленување имот и парични вредности кои произлегуваат од криминални активности.
Имено, според информациите, сѐ почесто албански, но и странски државјани се обидуваат да внесат поголеми износи на пари во земјата, но и да ги изнесуваат без да ги пријават. Ова кривично дело е едно од делата кои бележат раст во последните години.
Со денешната заплена, според полициската статистика, само годинава на граничните премини се запленети над два милиони евра. Од контролите е докажано дека премини каде што имало обиди да поминат најмногу непријавени пари се меѓународниот аеродром во Тирана и пристаништето Драч, каде што се запленети евра, долари, британски фунти и швајцарски франци.
Само во март, на граничните премини биле блокирани околу 520 илјади евра, што е најголема вредност во однос на другите месеци.