Ковачевски на средбата ги посочил ефикасните чекори што ги презема Северна Македонија во енергетската транзиција и диверзификација, а ја нагласил и најновата владина одлука за конечна реализација на тридеценската цел за изградба на хидроцентралата „Чебрен“
Прашањето околу состојбите во енергетиката на глобално ниво, со оглед дека има тренд на зголемување на инвестициите во енергетскиот сектор, но и на зголемување на енергетски потреби поради случувањата во актуелната геополитичка констелација на односи, по војната во Украина, се дел од темите за кои во Њујорк разговарале премиерот Димитар Ковачевски и Ахим Штајнер, администратор на Програмата за развој на ОН (UNDP) и копретседавач на механизмот за енергија на ОН (UN Energy).

Како што информираат од владината прес-служба на средбата била изразена заедничка согласност дека зелена транзиција и декарбонизацијата е неопходно да бидат во фокус на владите на државите и на приватниот сектор, за да се забави постојаниот скок на климатските промени и да се осигура чиста и достапна енергија за сите, во интерес на сегашните и идните генерации.
На средбата било разговарано и за политиките на Владата што придонеле за успешно справување со економската и енергетска криза, а биле поздравени и континуираната и конструктивна соработка на државата со УНДП.
Ковачевски, се додава во соопштението, посочувајќи ги ефикасните чекори што ги презема Северна Македонија во енергетската транзиција и диверзификација, што придонело во справувањето на земјата со енергетската криза и во градењето отпорност на регионот, изразил поддршка на повикот за акција на копретседавач на ОН за енергија, Штајнер непосредно пред овогодинешниот Самит на ОН, за зголемување на инвестициите во обновлива енергија и осигурано напојување на економиите денес и во иднина.
„Северна Македонија од почетокот на минатата година досега има издадено 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што во државата денес има мрежа на 420 мегавати на централи коишто доминантно работат за производство на електрична енергија од сонцето, а очекувањата се дека до крајот на годината тој капацитет ќе достигне 600 мегавати“,
рекол Ковачевски.
Тој, исто така, ја нагласил и најновата владина одлука за конечна реализација на тридеценската цел за изградба на хидроцентралата „Чебрен“, што е проценета инвестиција од околу милијарда евра, што ќе овозможи дополнителен инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати енергија.
„Ова се чекори кон енергетска независност на државата, за зајакнување на домашно производство на електрична енергија, но и придонес во заштитата на животна средина, поради што Северна Македонија веќе е препознаена како регионален центар на зелена енергија“,
додал Ковачевски.
На средбата на Ковачевси со копретседавач на ОН за енергија, Штајнер, се додава во соопштението, поздравени се заложбите на Северна Македонија во обезбедувањето чиста енергија и во заштитата на животната средина. При тоа, било разговарано за можности за поддршка на нашата држава во делот на развојот на преносната мрежа со цел подготвеност за прифаќање на многубројните апликации за изградба на фотонапонски и ветерни електрани, како и во заложбите за декарбонизација на економијата.
