Според министерот, се јавуваат производители на минерална вода, пиво и сокови кои сакаат да се вклучат во мерката за намалување на цените која засега важи само за основните прехранбени производи
Во однос на цените на горивата, Бектеши рече дека Владата засега не размислува да интервенира во овој дел
Листата со поевтини основни прехранбени производи, која денеска беше усвоена на владина седница, од идната недела ќе биде дополнета со оние за хигена, како и одредени кондиторски производи кои повеќе се трошат, вели министерот за економија Крешник Бектеши.
„Ќе дадеме рок од една недела, да видиме како ќе се спроведува Одлуката. Од утре Државниот пазарен инспекторат ќе биде на терен, а јас од задутре и лично ќе им се придружам. Повеќе од убеден сум дека мерката ќе ги даде резултатите и од наредната недела може да се очекува проширување на листата“,
рече Бектеши во вечерашното гостување во Тема на денот на ТВ Сител.
Според министерот, во текот на денот до него се јавувале производители на минерална вода, пиво и сокови, како и трговци од големи маркети кои доброволно сакаат да се вклучат во мерката за намалување на цените која засега важи само за основните прехранбени производи.
„Сакаат и тие да се вклучат во овие мерки. Не верувам дека трговците се среќни со ваквите одлуки, но поради конкуренцијата мора да се прилагодуваат и затоа бараат да се вклучат во мерката која се однесува на основните прехранбени производи и која денеска ја донесовме“,
истакна Бектеши.
Идната недела, Бектеши најави дека ќе се донесе ново законско решение за нефер трговски практики. Потсети и дека за евентуално предизвикување заблуди кај потрошувачите во однос на цените, измами или нефер трговски практики се предвидуваат забрана за вршење дејност или различни други казни и глоби кои се главно прекршочни.
„Во законот за кој се земени предвид неколку верзии од држави членки на ЕУ, ќе се предвидуваат односите од производство до крајниот производ на полица. Има различни договори на трговците на големо со маркетите и директно наши производители дистрибуираат до маркетите. Таму има ‘фронт’ и ‘бек’ маржи, а тоа значи дека освен профитната маржа што ја става маркетот, има и ‘бек’ маржи, квартални, месечни и годишни кои прозводителот треба да им ги плати на одредени ланци маркети и тоа може да го поскапи производот до 40 па и до 50 отсто. ‘Бек’ маржата не е видлива, но се плаќа од производителите, тоа сега ќе се доуреди со законот. Ако се донесе одлука за замрзнување цени или за утврдување рабат, тогаш е прекршување на закон“,
објасни Бектеши.
Во однос на цените на горивата, Бектеши рече дека Владата засега не размислува да интервенира во овој дел.
Според него, тоа би требало да дојде како предлог од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), ако согласно нејзините проекции има нагорен тренд на цените.
„Моментно не се разговара за тоа. Тоа би требало да дојде како прдлог од РКЕ ако согласно нивните проекции има нагорен тренд на цените. Ние не можеме да влијаеме на светските берзи на нафтени деривати, можеме преку акцизата и ДДВ, но моментно ние во Министерството за економија не правиме такви анализи. Најверојатно се прават во Министерството за финансии и во РКЕ“,
додаде Бектеши.
Владата денеска донесе одлука со која од утре 24 категории производи ќе се продаваат за 10 отсто пониска цена од онаа што овие производи ги имале на 1 август оваа година. Во листата производи се ориз, брашно, бел и полубел леб, бисквити, тестенини, јунешки и свинско месо, пиле, пилешки стек, чаен колбас, пилешка посебна салама, паштета, трајно кравјо млеко и јогурт, кисело кравјо млеко и павлака, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кравји и мешан кашкавал, свежи јајца од кокошка, како и свежо овошје и зеленчук.
Трговците на мало имаат обврска да ги обележат овие производи на полиците со натписот „гарантирана цена“.
Очекувањата се дека владината мерка за ограничување на цените на дваесетината категории прехранбени производи, која ќе биде во сила до 30 ноември, да ја намали целокупната инфлација во делот на храната за четири до пет отсто до крајот на ноември.