Оттаму информираат дека Министерството за правда не им ги доставило на мислење предметните измени на Кривичниот законик
Донесувањето на законските измени на Кривичниот законик без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди, реагираат од Врховниот суд.
„Одделот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на денешната седница ги разгледа измените на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, објавен во ‘Службен весник на Република Северна Македонија’ бр.188/23 од 07.09.2023 година. На денешната седница беа разгледани и измените во врска со злоупотребата на службената положба и овластување. На денешната седницата беше истакнато дека подготвувањето
се наведува во соопштението од Врховниот суд.
Оттаму информираат дека Министерството за правда не им ги доставило на мислење предметните измени на Кривичниот законик.
„Со тоа беше оневозможено Врховниот суд да даде мислење за донесените законски измени кои претставуваат прашање од висок јавен интерес. Врховниот суд смета дека донесувањето законски измени без транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа е спротивно на заложбите за реформи на законодавството во согласност со европските стандарди. Врховниот суд на Република Северна Македонија секогаш давал поддршка на законски решенија кои придонесуваат за ефикасна борба против корупцијата и криминалот и поаѓајќи од тие заложби и во минатото немал забелешки за висината на казните за предметните кривични дела, ниту предложил нивно ублажување“,
било заклучено на денешната седница на Врховниот суд.
Измените на Кривичниот законик, кои Владата „тајно“ ги утврди и Собранието експресно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, се објавени во „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.
Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ. Она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394). Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.
Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера изјави дека Европската Унија наскоро треба да излезе со став во врска со измените на Кривичниот законик.
„Мислам дека тие (измените на Кривичниот законик н.з.) се проучуваат од колегите во Брисел и сигурен сум дека наскоро ќе има одговор на тоа прашање“,
изјави кратко Гир, прашан за коментар за измените на Законот.
Покрај Европската Унија, измените во Кривичниот законик (КЗ) ќе ги разгледува и правниот тим на Американската амбасада во земјава.
„Правниот тим на Американската амбасада ги разгледува. Јас лично не сум ги видела, така што не можам да ги коментирам. И како што кажавме во соопштението на Стејт департметнот, потребно е да се следат процедурите на правниот систем на земјава“,
изјави вчера американската амбасадорка Анџела Агелер.