Според епидемиологот, не треба да се прави споредба со Дебар, каде што градот беше затворен пред заразата да почне да се шири и во другите општини во земјава и пред да биде прогласена вонредна состојба
Дополнителен карантин во Куманово, од епидемиолошки аспект, нема да придонесе за намалување на бројот на заболени од коронавирусот. Веќе имаме сериозно рестриктивни мерки на територија на целата држава, кои, доколку се почитуваат, ќе го намалат ширењето на вирусот, смета епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ.

Во гостување на Канал 5, Микиќ рече дека не треба да се прави паралела меѓу Дебар и Куманово или, пак, да се верува дека моделот што е применет во Дебар би функционирал еднакаво добро и во Куманово.
„Кога се воведува карантин, тој се воведува од една причина, а тоа е да се намали можноста за трансмисија на заболувањето од тој регион во друг регион. Кога беше прогласен карантин во Дебар, имавме сосема друга состојба во земјата. Таму беше регистриран прв кластер на слуачи, па идејата беше и да се успори ширењето од Дебар кон остатокот на земјата. Куманово во овој момент се наоѓа во сосема друга состојба“,
објасни епидемиологот.
Вирусот, како што вели Микиќ, сега е раширен и во Скопје и во други градови, така што нема потреба од воведување дополнителни мерки, од она што веќе е донесено како рестрикција.
„Веќе имаме сериозно рестриктивни мерки донесени на територија на целата држава, ништо дополнително не би донел евентуалниот карантин во Куманово од епидемиолошки аспект. Може единствено обратно да се гледа, колку би се прелеала инфекцијата од Куманово во другите градови. Но, пак, се сведува на едно исто“,
рече епидемиологот Микиќ.
Тој појаснува дека ако се почитуваат мерките за социјално дистанцирање, лична хигиена, користење на заштитна опрема кога се наоѓаме во затворени простории, можноста за ширење ќе биде намалена.
„Она што сега го гледаме е зголемен број на заболени во Куманово, но сакам да кажам дека тоа е вториот град каде што имаме најголем број тестирања. Само во Институтот во Куманово се направени над 1 260 тестови. Нормално е да очекуваме да имаме поголем број на случаи. Стапката на позитивност се движи околу 20 проценти затоа што тоа се тестови направени кај лица кај кои очекуваме да бидат позитивни“,
рече Микиќ.
Комисијата за заразни болести утре ќе расправа за барањето на кумановскиот Кризен штаб
Министерот за здравство Венко Филипче најави вечерва дека утре претпладне Комисијата за заразни болести ќе го разгледа барањето на Кризниот штаб на Куманово за прогласување 14-дневен карантин и кризна состојба. Сепак, владата е воздржана засега во однос на ова барање на локалните власти во Куманово, така што премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека анализите и препораките за тоа треба да произлезат од Комисијата за заразни болести. Наспроти тоа, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски вчера побара да се прогласи карантин во Куманово, обвинувајќи го Спасовски дека е суетен и дека тера инает.