Реакцијата на Министерството следува откако вчера Комисијата за спречување и заштита од дискриминација информира дека МОН не ја исполнило законската обврска за достава на учебниците, а од вкупно 126 учебници по задолжителните предмети, нема дури 43
Министерството за образование и наука (МОН) тврди дека навремено ги почнало активностите за изработка на учебниците согласно важечката наставна програма, а дека нивната изработка е комплексен процес кој зависи од повеќе фактори кои се независни од системското влијание.

Реакцијата на Министерството следува откако вчера Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) информира дека е утврдено оти МОН не ја исполнило законската обврска за достава на учебниците, а од вкупно 126 учебници по задолжителните предмети, нема дури 43.
Во реакцијата испратена до медиумите, од МОН велат оти немаат законски механизми да влијаат на пријавувањето на повиците за авторски тимови и за рецензенти за нов учебник по одреден предмет.
„А секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници“,
се додава во соопштението на Министерството.
Додаваат дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од, а за финализирање на реформата, како што нагласуваат, се очекува поддршка од сите засегнати чинители со цел учениците да се стекнуваат со знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји.
Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) вчера излегоа со став дека МОН е законски обврзано да ги достави сите учебници до учениците најдоцна до 31 август, што во случајов не е така. Ваквата форма на дискриминација, како што велат, законот ја препознава како системска и Комисијата има право да поведе тужба од јавен интерес против државните институции.