На Европската унија и перспективите на Македонија за зачленување се фокусира интервјуто на „360 Степени“ со шефицата на шведската дипломатија, Маргот Валстром, која во два мандати беше и еврокомесарка – еднаш кога претседател на Европската комисија беше Романо Проди и вторпат кога на чело на комисија беше Мануел Баросо.
Запрашана за надежта на Владата дека кон крајот на 2018 Македонија ќе може да ги почне пристапните преговори со ЕУ, Валстром вели:
– Тоа зависи од напорите во однос на реформите и ако работите се завршуваат на начин што е одреден во процесот на пристапување на ЕУ. Така што, тоа во многу зависи од овдешните случувања. Но мислам дека е важно да се држи прашањето за проширувањето, како и иднината на односите на ЕУ со Западен Балкан, високо на европската агенда. Мислам дека тоа треба да е така, тоа е позицијата на Шведска, мора да ја гледаме како win-win опција. Ако гледаме просперитетни, мирољубиви земји, економски и социјално развиени, од тоа корист ќе има и остатокот на ЕУ. Добро знаеме дека прашањето за името е пречка за напредок, исто како и за пристапување кон ЕУ. Јас мислам дека е многу важно тоа што владата сега се обидува да го постигне како сосед, пред се со Грција, но и во пружањето рака кон Бугарија, да се обиде да создаде нов вид на соседство и секако, конечно да најде начин за придвижување на прашањето за името зашто за нас тоа е нешто што не можеме целосно да го разбереме зашто ја немаме сета историска позадина, чуството на поврзаност со сето тоа.. За нас е тешко да судиме или многу за тоа да зборуваме, но мислам дека вистинскиот начин е она што сега се обидуваат да го сторат – да направат контакт, политички дијалог со Грција и да се увиди дали има пат за напредок, дали е практичен, дали е да се „договорат дека нема да се договорат“ за некои работи, но истовремено да се обидат да решат практичен проблем. Тоа го поздравувам – вели Валстром.
Целото интервју погледнете го од видеото.
Напишете коментар