Олексеј Резников, кој беше назначен за министер за одбрана во ноември 2021 година, помогна да се обезбедат милијарди долари западна воена помош, но неговото министерство го следеа обвинувања за корупција, кои, пак, тој ги отфрлаше како клевета
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека одлучил да го разреши министерот за одбрана Олексеј Резников и да побара од парламентот да го замени со Рустем Умеров, шеф на најважниот украински фонд за приватизација.

Најавата за смената може да го потресе украинскиот одбранбен естаблишмент најсериозно од почетокот на руската инвазија.
Резников, кој беше назначен за министер за одбрана во ноември 2021 година, помогна да се обезбедат милијарди долари западна воена помош, но неговото министерство го следеа обвинувања за корупција, кои, пак, тој ги отфрлаше како клевета.
Решив да го разрешам министерот за одбрана на Украина. Олексеј Резников помина низ повеќе од 550 дена војна, рече Зеленски. Сметам дека на министерството му се потребни нови пристапи и други формати на интеракција со армијата и општеството во целина, рече тој.
Промената на министерот за одбрана мора да биде одобрена од парламентот, но одлуката најверојатно ќе ја поддржат мнозинството пратеници на Врховната рада.