Утре е ден пауза за македонските одбојкари по што во вторник ќе се соочат со Холандија, а в среда, во последниот меч од групната фаза, за противник ќе ја имаат Чешка

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва го доживеа првиот пораз во третиот настап во групата Ц на Европското првенство (ЕП) чиј домаќин е салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Полска – селекцијата победник на Лигата на нации и еден од фаворитите за медал, ја совлада Македонија со 3-0, по сетови: 25-12, 25-21 и 25-14.
Утре е ден пауза за македонските одбојкари по што во вторник ќе се соочат со Холандија, а в среда, во последниот меч од групната фаза, за противник ќе ја имаат Чешка. Од исходот на овие два меча ќе зависи и позицијата на табелата за македонската репрезентација, а со тоа и противникот во нокаут-фазата од Европското првенство.
По победите над Данска и Црна Гора во првите два настапа, речиси извесно, македонските одбојкари обезбедија пласман во осминафиналето на ЕП што, сепак, треба и официјално да се потврди по последните две кола во групата Ц.