Во врска со тоа што тие како комора би направиле понатаму, пак, оттаму потенцираат оти ќе ги следат сите случувања и навремено и соодветно ќе реагираат ако се докаже дека лекари од оваа клиника правеле злоупотреби со кои ги повредиле етичките принципи и Кодексот на медицинската деонтологија
Изразуваме голема загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени во медиумите за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, реагираат од Лекарската комора откако вчера МВР и Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје влегоа во оваа здравствена установа за да направат претрес во рамки на предистрага поврзана со крадење терапии за болни од рак и продавање на црниот пазар од страна на вработени во Клиниката.
„Ако наводните злоупотреби се покажат како вистинити ќе значат голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, што треба да бидат приоритет во работата на секој лекар и секој здравствен работник воопшто. Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба, не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува од пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци“,
велат од Лекарската комора.
Оттаму потенцираат дека му даваат поддршка на Јавното обвинителство и другите органи и очекуваат што поскоро да се расчистат сомнежите, како и да се споделат со јавноста точни информации за тоа што се случувало на Клиниката за онкологија која е единствена здравствена установа од ваков тип и таму се лекуваат најголем број пациенти болни од рак.
„Цврсто сме убедени дека на Клиниката за онкологија и радиотерапија има чесни здравствени работници кои совесно, одговорно и професионално ги лекуваат пациентите и овие успешни приказни исто така треба да добијат простор во јавноста, поради што и истакнуваме дека не треба да се даваат колективни осуди, туку точно треба да бидат посочени и санкционирани виновниците врз основа на релевантни докази“,
додаваат од Лекарската комора.
Во врска со тоа што тие како институција би направиле понатаму, пак, потенцираат оти ќе ги следат сите случува и навремено и соодветно ќе реагираат ако се докаже дека лекари од оваа клиника правеле злоупотреби со кои ги повредиле етичките принципи и Кодексот на медицинската деонтологија.
Осуди за наводните случувања на Клиниката и поддршка за надлежните да спроведат истрага претходно испратија и министерот за здравство Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева.
*Поврзани вести:
- ОЈО Скопје и полицијата ја „тресат“ Клиниката за онкологија: Се прибираат докази во рамки на предистражна постапка
- Обвинителство: Одземени се компјутери и друга документација од Клиниката за онкологија и приватни станови во Скопје
- Меџити очекува брза истрага по наводите за злоупотреби на Клиниката за онкологија
- Бесрамен и криминален начин на заработка врз грбот на пациентите, вели заменик-министерката Манолева за случајот со Онкологија