Се проценува дека бактеријата може да биде фатална за околу пет до десет проценти од лицата што ќе се заразат со неа

Во епидемија од легионела во полскиот град Жешов и неговата околина се регистрирани 19 смртни случаи, објавија локалните здравствени власти.
Според информациите од здравствените власти, сите починати имале и други заболувања.
Бројот на потврдени случаи заразени со оваа бактерија засега изнесува 160, а од нив дури 107 се во Жешов, град со околу 196 000 жители, кој се наоѓа на 250 километри јужно од Варшава.
Легионелата претставува инфекција на белите дробови. Може да предизвика симптоми како за грип, но и посериозно облик на пневмонија. Често се пренесува преку атомизирана вода, како што се на пример, местата за туширање, отворените базени, навлажнувачите за воздух, чешмите за вода.
Бактеријата може да живее во мали количини речиси насекаде во водата, а идеални услови за нејзино ширење се температури помеѓу 25 и 45 Целзиусови степени.
Легионелата е најопасна за лицата со ослабен имунолошки систем и за оние со хронични заболувања, како дијабетес, срцеви или белодробни болести. Во ризична група исто така се и пушачите и повозрасните. Се проценува дека бактеријата може да биде фатална за околу пет до десет проценти од лицата што ќе се заразат со неа.