ЕУ во наредните месеци треба да ги донесе клучните одлуки за проширувањето на ЕУ и за забрзување на реформите и за олеснување на проширувањето, во рамки на европските правила. И ние треба да донесеме важни одлуки за иднината на државата и како сакаме да ја развиваме, напиша Маричиќ на својот фејсбук-профил

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека 2030 е годината која Северна Македонија ја има определно како целна година за членство во ЕУ, а тоа, според него, е доказ дека со европските партнери имаме иста цел. Маричиќ, кој е учесник на Бледскиот стратешки форум, ова го напиша на својот фејсбук-профил откако претходно претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од отворањето на Форумот испрати порака дека Европската Унија до 2030 година мора да е подготвена за проширување.
„После 10 години, денес во име на сите држави членки на ЕУ првпат се зборува за временска одредница за следното проширување. ЕУ во наредните месеци треба да ги донесе клучните одлуки за проширувањето на ЕУ и за забрзување на реформите и за олеснување на проширувањето, во рамки на европските правила. И ние треба да донесеме важни одлуки за иднината на државата и како сакаме да ја развиваме. Не станува збор само за државнички процес или, пак, само за стратешка цел. Се работи за иднината на нашите деца и за успехот на државата“,
напиша Маричиќ.
Според него, ЕУ испорача временска рамка и дава извесна европска перспектива на регионот за евроинтеграција, затоа, како што вели, чекањето не треба да е стратегијата што ја бираме.
„Наша обврска е да го искористиме моментот и со заедништво да ги завршиме задачите, со посебен фокус на реформите, да побрзаме 2030 Северна Македонија да е држава членка на ЕУ“,
додава вицепремиерот Маричиќ.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во својот говор на денешниот Бледски самит порача дека до 2030 година, двете страни – ЕУ и земјите кандидатки – мора да бидат подготвени за ново проширување на Европската Унија.
„Додека ја подготвуваме следната стратешка агенда на ЕУ, мора да си поставиме јасна цел. Верувам дека мора да бидеме подготвени – од двете страни – до 2030 година за проширување. Ова значи дека следниот долгорочен буџет на ЕУ ќе треба да ги вклучи нашите заеднички цели. Ова е амбициозно, но неопходно. Тоа покажува дека сме сериозни“,
истакна претседателот на Европскиот совет во својот говор и додаде дека лидерите на ЕУ ќе разговараат за проширувањето на некои од следните состаноци на Советот.
Мишел во својот говор се осврна и на билатералните конфликти од минатото и порача дека нивното решавање може да биде поболно од реформите, но истакна дека е неопходно.
На 18. стратешки форум во Блед, кој годинава се одржува на тема „Солидарност за глобална безбедност“, премиерот Димитар Ковачевски е придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.