Украина започна контраофанзива во јуни, но добро подготвените руски одбранбени линии засилени со мински полиња го забавија нивното напредување на југ кон Азовското Море
Украинските сили се уверени оти ја пробиле најтешката линија на руската одбрана на југ и сега ќе можат побрзо да напредуваат, изјави за новинската агенција Ројтерс командант кој се бори на југот на земјата.

Украинските сили во средата соопштија дека го подигнале државното знаме во градот Роботин во јужниот регион Запорожје, на околу 10 километри јужно од градот Орихив на линијата на фронтот.
„Не застануваме тука. Следниот град е Бердјанск, а потоа продолжуваме понатаму. На моите борци им ставив до знаење: нашата цел не е Роботин, нашата цел е Азовското Море“,
изјави за Ројтерс командант кој водел дел од војниците во Роботин.
Москва, пак, не потврди дека Украина напреднала во Роботин.
Градот Роботин е на околу 100 километри од Бердјанск, пристаниште на брегот на Азовското Море и 85 километри од стратегискиот град Мелитопол. Двата града беа окупирани од руските сили по целосната инвазија на Москва врз Украина која започна на 24 февруари минатата година.
Украина започна контраофанзива во јуни, но добро подготвените руски одбранбени линии засилени со мински полиња го забавија нивното напредување на југ кон Азовското Море.
„Ги поминавме главните патишта кои беа минирани. Стигнуваме до линиите каде што можеме да одиме напред. Сигурен сум дека од тука ќе одиме побрзо“,
рече командантот.
Украинскиот командант додаде дека војниците сега навлегле на територии каде што има само „руски логистички групи“, ставајќи до знаење оти не очекува руската одбрана тешко да биде пробиена.