Премиерот Ковачевски истакна дека е реален оптимист и оти верува дека следна членка на ЕУ ќе биде С Македонија. Тој уште еднаш ги повика пратениците во Собранието, нагласувајќи дека се претставници на граѓаните, да се одважат и да гласаат за европската иднина на државата. Ковачевски беше дециден дека нема можност за нов договор и за репреговарање на Преговарачката рамка
Силна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија денеска во Скопје на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, изрази помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Тој истакна дека С Македонија може да смета на САД при остварување на своите предизвици и изрази надеж дека процесот на уставни измени дека треба да продолжи.
„Задоволство ми е да бидам тука, ги почитувам луѓето во С Македонија, вие сте вистински пријател на САД. Со премиерот Ковачевски имавме билатерални разговори за разни работи, меѓу кои и за интеграцијата во ЕУ, регионалната и европската безбедност. При секој чекор во некој предизвик, американски предизвик, сметавме на С Македонија и сакаме С Македонија да смета на нас во справувањето со сопствените предизвици. Партнерството што го искусивме, нивото на поддршка во заштитата на вредностите и проширувањето на демократијата, Северна Македонија беше тука крај нас. Како резултата на тоа – типот на партнерство што го имаме во Европа, би сакале да го видиме и во ЕУ. Ние сме најентузијастичките поддржувачи на тоа вие, кои веќе сте во трансатлантската заедница, да станете формални членки од секој дел на таа заедница, а тоа ја подразбира и ЕУ. Во смисла на ЕУ-проширувањето отсекогаш велев дека Западен Балкан се делот од Европа кој сега најмногу ветува – економски најбрзо расте. Значи, на Европа и требате, на Америка и требате внатре во Европа и затоа се надеваме, како ваш најблизок стратешки партнер и близок пријател, како некој кој имал директна корист од тоа партнерство, дека и вие ќе имате корист од нашето партнерство со правењето тешки избори за посветла иднина.“
изјави Ескобар.
Во однос на процесот на уставни измени, кој веќе започна во македонското Собрание, Ескобар изрази надеж дека тој ќе продолжи.
„Многу сум возбуден што процесот почна затоа што сме многу возбудени да ве видиме во ЕУ. Вие сте членка на евроатлантската заедница и би сакале нашите најблиски пријатели да бидат во сите тие структури и затоа сум среќен што процесот почна и се надевам дека ќе продолжи,
рече помошник-државниот секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан
Одговарајќи на новинарско прашање, што ќе му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ескобар беше дециден дека не е дојден да подложува никого на тортура.
„Не сум дојден за кого било да мачам. Сакам јасно да кажам дека САД не избираат влади на земји членки на НАТО, но поставуваме очекувања и работата за која ќе разговарам ќе биде да ја пратам истата порака која ја изнесував и во регионот – дека САД, како природни партнери, ги гледаат оние што се посветени на европска интеграција, на НАТО и се посветени на борбата против корупција и тоа сакам да биде јасно. Но, исто така, сакам да слушнам да имаме многу отворена размена на мислења и очекувам да имаме повеќе по состанокот“,
рече Ескобар.
Премиерот Ковачевски истакна дека е реален оптимист и оти верува дека следна членка на Европската Унија ќе биде С Македонија. Тој уште еднаш ги повика пратениците во Собранието и нагласи дека се претставници на граѓаните, да се одважат и да гласаат за европската иднина на државата.
Одговарајќи му на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој го критикуваше премиерот дека коленичел пред странци со цел да дошле и да вршеле притисок за да се обезбеди гласање за уставните измени, Ковачевски рече дека посетата на Ескобар не е прва ниту последна и нагласи дека тој е вистински пријател на С Македонија.
„САД биле, се и ќе бидат во сите клучни процеси најголем поддржувач на остварувањето на двете клучни стратешки цели на С Македонија, а тоа се членството во НАТО, која веќе ја реализиравме, и следната да станеме членка на ЕУ. Сакам да изразам искрена благодарност за придонесот на САД во сите процеси и личните заложби на Ескобар“,
изјави премиерот Ковачевски и додаде дека со Ескобар разговарале за евроинтеграцискиот пат на земјата, за успешниот тек на скрининг-процесот, како и за процесот на уставните измени кој, како што рече, САД и ЕУ го сметаат за клучен и важен чекор за обезбедување на европската иднина и евроинтеграција на државата.
Тој повтори дека Преговарачката рамка која е основа на преговорите на С Македонија со ЕУ е документ одобрен од сите замји членки на Унијата, поддржан од стратегиските партнери и дека во неа има услови кои ние како земја треба да ги исполниме, како што има и обврски кои треба да ги преземе ЕУ, а дел од нив веќе презела.
„Нема можност за нов договор. Нема можност за репреговарање на Преговарачката рамка. Со оваа рамка која е одобрена во Собранието, имаме целосна заштита на македонскиот јазик и идентитет и можност да се движиме напред. Бугарските односи со Бугарија се токму тоа, билатерални и тие нема да влијаат врз процесот на евроинтеграциите. Уште еднаш потврдивме дека нови барања не може да има и дека секогаш ќе ја имаме поддршката од нашите искрени пријатели“,
нагласи премиерот.
Тој истакна дека поддршката од САД за С Македонија е јасна и дека државата нема друга алтернатива освен членството во ЕУ што е, како што рече, директен интерес на граѓаните и нивно барање.
„Интеграција, а не изолација. Пратениците се претставници на граѓаните и се надевам дека ќе се одважат и ќе донесат храбра одлука за европските интеграции на земјата за таа да стане членка на ЕУ до 2030 година. Во спротивно, неизвесна ќе биде иднината на граѓаните. Никој не гарантира кога и на каков начин ќе станеме членка на ЕУ. Тоа не смее да се случи, да се држи во залог иднината на граѓаните и на државата за предизборни цели“,
дециден беше Ковачевски.
Тој порача дека блокирањето на процесот на уставните измени ќе биде многу штетно и дека постои можност следната година да се изгуби моментумот на процесот и на поддршката, имајќи предвид дека во 2024 година следуваат избори во САД, ЕУ, како и во С Македонија.
„Ќе направиме сè согласно законите државата да оди напред за граѓаните да се европски со европски животен стандард кои живеат во С Македонија, а не со пасоши на туѓи држави да живеат во туѓи држави кои се дел од ЕУ. Убеден сум дека и овој пат ќе излеземе како победници и после НАТО, следната членка на ЕУ ќе биде С Македонија“,
изјави премиерот на заедничката прес-конференција со Ескобар.