Значајна е поддршката од САД во сите клучни моменти за нашата држава, напиша премиерот во објава на Фејсбук и изрази очекување за продуктивна средба со американскиот претставник која е закажана за утре претпладне
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва преку објава на Фејсбук му посака добредојде на заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, кого го нарече голем пријател на македонските граѓани.

Во објавата, премиерот изрази очекување за продуктивна средба со американскиот претставник. Средбата е закажана за утре претпладне, по што двајцата ќе одржат заедничка прес-конференција.
„Значајна е поддршката од САД во сите клучни моменти за нашата држава. Стратешкото партнерство со САД е базирано на меѓусебна доверба. И продолжуваме да го развиваме низ меѓусебно разбирање, за сите важни прашања од заеднички и стратешки интерес. Очекувам продуктивна средба утре“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Освен со премиерот, според најавите, Ескобар утре ќе се сретне и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Претходно денеска, пак, средба оствари со шефот на државата Стево Пендаровски, на која, како што соопштија од кабинетот на претседателот, го изразил очекувањето од официјален Вашингтон – Северна Македонија да го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Посетата на Ескобар следува по започнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со ЕУ. Дневниот ред на седницата беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.