Тој нагласи дека и во наредниот период ќе продолжат низ дијалог и политичка активност да бараат начин за да бидат донесени уставните измени кои се неопходни за земјава да го продолжи евроинтеграцискиот процес
Една од клучните цели и приоритети на државата е членството во Европската Унија и ако сите знаеме дека тој пат нема алтернатива, а нема поради тоа што досега не беше понудена никаде тогаш е многу јасно дека треба да работиме и да направиме сè за да го отвориме тој пат, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„Изолацијата на државата, посебно изолација што доаѓа однатре, е неприфатлива. Се разговара со секој пратеник поради тоа што сега одговорноста е на пратениците, оние што ги претставуваат граѓаните. Мислам дека никој нема право да ја држи во заложништво перспективата на македонските граѓани“,
рече Спасовски одговарајќи на новинарско прашање при денешното одбележување на Денот на Единицата за брзо распоредување во Куманово.
Тој нагласи дека и во наредниот период ќе продолжат низ дијалог и политичка активност да бараат начин за да бидат донесени уставните измени кои се неопходни за земјава да го продолжи евроинтеграцискиот процес.
„Посакувам час поскоро да ги завршиме сите овие активности и Република Северна Македонија да продолжи напред на патот кон европските интеграции поради тоа што ако застанеме на овој пат многу години чекање како што се чекаше досега има негативен ефект исклучиво врз граѓаните и врз државата, а не врз политичарите“,
рече Спасовски.
Според него, важно е политичарите да бидат разумни, да не гледаат за свој личен интерес, да не гледаат за политика која ќе биде од денеска за утре, туку да гледаат визионерски, да гледаат напред, да гледаат после 20, после 30 години кога, како што кажа, сите ние би биле дел од европското семејство.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа во Кичево го повтори партискиот став дека нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат и најави дека на следните парламентарни избори, кога и да се случат, неговата партија ќе направи историски резултат.
Денеска Европа, светот прават стратегија како да го скршат ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во парламентот скроени по бугарски диктат. Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат,
рече Мицкоски.