По вчерашната средба на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и косовскиот министер за транспорт Љибурн Алиу, по која Ахмети изјави дека силно ќе се заложи за да се реализира проектот за поврзување на градовите Призрен и Тетово, нешто што претходно го најави и косовскиот премиер Курти при посетата на Тетово, Ковачевски денес рече дека единствено Владата е надлежна за реализација на такви проекти
За изградба на таков пат може секој да разговара, па дури и комшии може да седнат на маса и да си разговараат за таков проект, но само Владата може да реализира проект за поврзување на Тетово и Призрен, рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски прашан за вчерашната посета на косовскиот министер за транспорт на седиштето на ДУИ во Мала Речица.
„За изградба на таков пат може и комшии да разговараат, па и претставници на политички партии, но предмет на реализација може да биде само помеѓу Владите исто како што предмет на реализација на „one stop shop” на преминот со Албанија беше разговаран на различни нивоа, меѓутоа беше реализиран од македонската и албанската влада”, нагласи тој.
Прашан, пак, зошто косовскиот министер не бил примен од страна на својот македонски колега Благој Бочварски, Ковачевски вели дека министерот не бил во Скопје за да оствари средба. Овие наводи за ТВ Канал 5 ги потврди и самиот министер Бочварски, кој кажа дека посетата на Алиу била приватна, но иако не можеле да се сретнат, тие имале редовни средби и комуникација.
„Во неформална комуникација, согласно вчерашната агенда и закажаните состаноци, му посочив на министерот Алиу дека не сум во можност да остварам ниту работна ниту неформална средба и во исто време го поканив министерот Алиу на работен состанок во Министерството за транспорт и врски, каде ќе продолжиме со отворената комуникација за реализација на заедничките проекти“,
вели Бочварски за ТВ Канал 5.
Ахмети вчера во партиското седиште на ДУИ во Мала Речица го прими косовскиот министер за транспорт по лично барање на премиерот на Косово, Албин Курти. Тие оддржаа и заеднички прес на кој Ахмети говореше за потребата од изградба на пат од Тетово до Призрен, кој би бил од огромен интерес за двете земји, со што ќе се инвестира во мирот, стабилноста и сигурната иднина на регионот кој пред 20 години бил во немир и војни.
„Пристапот кој денеска го имаме е придобивка за сите наши земји, но да биде успешен овој ангажман, во рамките на оваа посета имавме посебно внимание кон изградбата на патот меѓу Тетово и Призрен кој би бил од голема економска придобивка за двете земји, затоа што патиштата овозможуваат проток, кој овозможува поголема економија“,
рече Ахмети.