Од „Фајнанс тинк“ посочуваат дека повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, особено во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој се покрива со средства од централниот буџет. Уделот на буџетските во вкупните приходи на Фондот кулминирал во 2017 година кога изнесувал 43,6 осто, а со реформата во пензискиот систем овој удел сега е намален и изнесува една третина од приходите
Пензиите не можат да се зголемат повеќе од она што е предвидено со законското усогласување, бидејќи во спротивно би дошло до дестабилизација на пензискиот систем и голема дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИО). Ова е ставот на Инситутот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, кој го темелат на нивната најнова анализа, а во контекст на барањата на пензионерите за линеарно зголемување на пензиите.

„Зголемувањата на пензиите, особено зголемувањата надвор од предвиденото законско усогласување со порастот на трошоците на живот и просечната плата, е неопходно да се гледаат низ призма на макростабилноста на пензиските финансии, односно дали Фондот за пензиско и инвалидско осигурување може стабилно и без ликвидносни проблеми да ги исплаќа преземените обврски кон пензионерите сега и во иднина“,
се вели во анализата.
Од „Фајнанс тинк“ посочуваат дека повремените зголемувања на пензиите надвор од законското усогласување, особено во предизборни и изборни години, доведоа до значајно продлабочување на дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој потоа мора да се покрива со средства од централниот буџет.
Уделот на буџетските во вкупните приходи на Фондот, според анализата, имал најдраматичен раст и кулминирал во 2017 година кога изнесувал 43,6 осто.
„Тоа означува дека скоро половина од пензиските исплати се вршеа од општиот буџет на државата, односно се на товар на општото оданочување, што имплицира дека голем дел од расходите за пензии ги покриваат плаќачите на даноци од кои дел во иднина можеби и нема да бидат под капата на ФПИОСМ затоа што не се во осигуран работен однос“,
се наведува во анализата.
Со реформата во пензискиот систем од 2019 година, која, како што се наведува во анализата, меѓу другото подразбираше и благо зголемување на стапката на пензиските придонеси во две последователни години, неодржливата патека на Фондот запрела и уделот на буџетските во вкупните приходи почнал да се намалува и во моментот изнесува околу една третина.

Од клучна важност, сметаат од „Фајнанс тинк“ е да се продолжи со стабилизацијата на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, заради стабилноста на пензиските финансии и за добростојбата на сегашните и идните генерации.
„Тоа имплицира дека моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување, кое е доволно за да го задржи животниот стандард на примателите во услови на растечки цени“,
се вели во анализата.
Во неа, повикувајќи се на последните податоци од Државниот завод за статистика, се посочува и дека пензионерите како категорија имаат стапка на сиромаштија од 7 отсто, што, како што се наведува, е значајно пониска од вкупната стапка на сиромаштија, која изнесува 21,8 проценти.
Барањата за зголемување на пензиите, како што посочуваат од „Фајнанс тинк“, меѓу другото се поттикнати и од зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто.
„За последново, ‘Фајнанс тинк’ ја повикува Владата да изнајде итен и неодложен механизам за воспоставување на првобитната состојба и да отвори дијалог во рамки на кој ќе се дојде до прифатливо решение за разумен пораст на платите на функционерите“,
велат оттаму.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на новинарски прашања изјави оти смета дека линеарното покачување кое го бараат пензионерите не е праведно затоа што пензијата е право остварено од работен однос.
Тој појасни дека заедно со Сојузот на здруженијата на пензионерите, Партијата на пензионерите и сите други, е направено системско решение врз основа на швајцарскиот модел, со што се овозможува зголемување на пензиите два пати годишно согласно со растот на трошоците за живот – инфлацијата и растот на просечната плата.
Пензионерите излегоа на протести и побараа линеарно зголемување на пензиите за 3 500 денари и дополнително да се утврди минимална пензија од 18 000 денари.
За ова министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вели дека работната група која би требало да се формира во најскор можен рок ќе работи на решавање на прашањето за минимална пензија, односно ќе се разгледува дали ќе се носи Закон или ќе има измени на Законот за пензиско за да се утврди износ на минимална пензија која не би ја довела во прашање сигурноста и стабилноста на Фондот за пензиско и државните капацитети.
Министерката вели дека барањето на пензионерите за минимална пензија од 18 000 денари е нереална сума, бидејќи во државата минималната плата изнесува 20 000. Вели, доколку се утврди минимална пензија од тој износ, тогаш Фондот за пензиско ќе биде оптоварен и можно е државата да се доведе во ситуација по неколку месеци да нема пари да ги исплати пензиите на сите 330 000 пензионери.