Клучната забелешка на претставниците на Платформата е што Обвинителството не навлегло во наводите што се понудени во вештачењето на експертите од Германија. Барањето за оставка на државниот обвинител Љубомир Јовески ќе го достават до Обвинителството. Во зависност од одговорот ќе ги планираат следните чекори
Оставка од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески побара Платформата на граѓански организации за борба против корупција поради досегашниот начин на постапување во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица.
Нивни претставници денеска се собраа пред зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија каде што ги кажаа аргументите за ваквото барање, повикувајќи се на наводите во документарниот филм што го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
„Од изведеното во документарецот ‘Убиство во Тетово’ истрагата на Јавното обвинителство не е целосна и не ги цени доволно заклучоците изнесени во службената експертиза на германските експерти, како резултат на што во јавноста се разгоруваат сомнежи за непрофесионалното постапување на Обвинителството и дополнително занемарување на околностите кои можат да го прошират обвинението и да инкриминираат и други лица. На ова се надоврзува и фактот што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција сè уште ги истражува наводите за корупција при спроведување на јавните набавки во случајот и покрај тоа што веќе е пречекорен рокот од членот 301 од Законот за кривична постапка, а притоа во јавноста не се понудени никакви образложенија ниту за тоа зошто е продолжуван овој рок согласно ставовите два и три од истиот член, ниту зошто и покрај продолжувањето истрагата не резултира со завршница“,
изјави Снежана Камиловска-Трповска од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Од Платформата велат дека во документарниот филм е прикажано она што долго време се шпекулира во јавноста – Обвинителството не ја спровело целосно истрагата и не навлегло во причините за настанувањето на пожарот.
„Не се навлегува во наводите што се понудени во вештачењето од експертите од Германија каде е констатирано и дека поради некои одредени аномалии во градбата е придонесено за таквото брзо ширење на пожарот. Тие наводи не се целосно и до крај истражени. Во таа насока соодветно би било ако Јавното обвинителство темелно ги истражи овие случувања и да се види дали треба да се сноси некаква одговорност воопшто за начинот на кој е изградена болницата, нејзиното пуштање во употреба итн., но и оние сомнежи што се појавуваат за јавните набавки за градењето на болницата кои исто така не се истражени и во јавноста сè уште немаме никакви информации што се случува со таа истрага“,
смета Дарко Аврамовски од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Тие велат дека документите што ИРЛ ги добила од „свиркачи“ разјаснуваат многу нешта, но не биле до крај земени предвид при покренувањето на обвинението.
„Тука е клучно, како што стои и во барањето на Платформата, недоволното земање предвид на заклучоците што произлегуваат од германското вештачење, а кои укажуваат на тоа дека веројатно требало да се прошири листата на обвинети луѓе. Сметам дека постои доволно материјал во изјавите што можеме да ги прочитаме во документацијата што сега е јавна и дека постојат начини како тоа да се преведе или во проширување или во други обвинителни акти“,
вели Миша Поповиќ од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.
Од Платформата најавија дека барањето за оставка на Јовески ќе го достават до Обвинителството. Во зависност од одговорот ќе ги планираат следните чекори.
Документарецот на ИРЛ насловен „Убиство во Тетово“, кој во неделата се емитуваше на Националната телевизија МТВ предизвика жестоки реакции во јавноста. Во него се обелоденија сведочења и документи со кои се одмотува клопчето околку целиот случај, а новинарите трагаат по одговорот на прашањето – дали имало или има обид да се сокријат одговорните за трагедијата?
Ова прашање, според ИРЛ, но и според впечатокот кај пошироката јавност, остана неодговорено, а објавениот документарец нуди индиции за прикривање документи и дека надлежните не си ја завршиле работата докрај, иако пред себе имале доволно материјал и ангажиран кадар да го сторат тоа.
За пожарот во тетовската модуларна болница, во судскиот процес кој заврши на 5 јуни годинава, Основниот суд во Тетово за кривичното дело – тешки дела против општата сигурност, ги осуди директорот и економскиот директор на билницата, Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница – Тетово. Директорите добија условни затворски казни од една година и шест месеци.
Ослободителна пресуда доби докторот Бобан Вучевски кој се товареше за делото – непостапување по здравствени прописи.
По емитувањето на документарецот пред судот во Тетово се одржа протест во кој учествуваа и роднини на дел од загинатите. На протестот беше побарана одговорност од надлежните.