Имајќи ги предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А-репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следуваат и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, Управниот одбор е на став Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А-тим, се вели во соопштението од ФФМ

Благоја Милевски останува селектор на македонската фудбалска репрезентација до крајот на квалификациите за европското првенство во 2024 година. Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница на Управниот одбор ја потврди селекторската позиција на Милевски.
„Имајќи ги в предвид околностите во групата во која се наоѓа македонската А репрезентација во квалификациите за ЕП 2024, распоредот на натпревари кои следува и релативно краткото време до завршување на договорот со актуелниот селектор, Управниот одбор е на став Благоја Милевски да продолжи со работа во националниот А тим. Договорот на селекторот трае до ноември 2023 година“,
се наведува во соопштението од ФФМ.
Оттаму додаваат дека Управниот одбор на ФФМ на денешната седница дискутирал во однос на работата и постигнатите резултати на македонската А-репрезентација во квалификациите за ЕП 2024 под водство на селекторот, Благоја Милевски. Управниот одбор на ФФМ, како што велат, го почитува начелото „на стара слава не се живее“ и додаваат дека незадоволство од постигнатите резултати е впечатокот кој го делат и членовите кои одлучуваат за избор на селектор на националниот тим. Меѓутоа, како што додаваат оттаму, како што е убаво кога се победува, така е тешко кога се губи.
Од ФФМ се согласни дека во следниот период ќе биде донесено најдоброто решение за репрезентацијата.
Изминатиот период во јавноста имаше најави дека Милевски ќе биде сменет од селекторското место по слабите резултати на репрезентацијата на последните два натпревари против Украина и Англија.
Од вчера фудбалската репрезентација остана без капитенот Стефан Ристовски, кој преку социјалните мрежи најави дека се повлекува од националниот тим. Во објаснувањето на оваа одлука, Ристовски како причина ги наведува нарушените односи со селекторот Благоја Милевски.
Следниот натпревар националниот тим ќе го има на домашен терен против Италија на 9 септември, а потоа на 12 септември гостува на репрезентацијата на Малта.