Од ВМРО-ДПМНЕ бараат премиерот Димитар Ковачевски да каже дали денеска се срами што гласал за преименувањето на улицата во Чаир и сметаат оти тој манипулира кога бара Општина Чаир да си изгради улица ако сака да го носи името „Адем Демачи“
Постпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, презентираше записници од владина седница одржана во март 2021 година кога, според него, Владата му дала позитивно мислење на тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, за преименување на улици, мостови и објекти.
„Ова се записниците за 50. и 51. седница каде што во отсуство на министер за финансии, како што е наведено тука, присутен е и гласа Димитар Ковачевски во функција на заменик-министер. Еве ја и 51. седница, записникот каде што е наведено името на заменик-министерот, тогаш Димитар Ковачевски, а сега премиер. Преименувањето на улиците, односно мислење од Владата за преименувањето на улиците на овие две седници се 9-та и 105-та точка. Еве ја одлуката како точка девет, каде што вели дека Владата ја разгледа предлог-листатата за дополнување на листата на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти и условно даде согласност на листата итн. Еве ја и точка 105, Владата го разгледа новиот текст на предлог-листата за дополнување на листата на имиња на улици и даде согласност на листата“,
покажуваше Стоилковски.
Стоилковски покажа и листа со имињата со кои требало да бидат преименувани улици, како и информацијата на интернет-страницата на Град Скопје со изборот на нови имиња.
„Фактички го најавува предлогот на градоначалникот Шилегов и Советот, земени се предвид етничките, културните и социјалните специфики и ова не случајно го читам и вели во таа насока во редот на нови имиња на улици ќе се најдат и ‘Беким Фехмију’, ‘Ибрахим Ругова’, ‘Адем Демачи’ и ‘Мајка Тереза’. И ова е листингот со промената на имиња од 2021 година, каде што како 142 предлог што поминува е промена на ‘Втора македонска ударна бригада’ во ‘Адем Демачи’“,
посочи Стоилковски.
Од ВМРО-ДПМНЕ сега бараат премиерот Димитар Ковачевски да каже дали денеска се срами што гласал за преименувањето на улицата и сметаат оти тој манипулира кога бара Општина Чаир да си изгради улица ако сака да го носи името „Адем Демачи“.
Инаку, премиерот Ковачевски меѓу првите реагираше за преименувањето на чаирската улица при посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Неговиот кабинет посочи дека тој не се согласува со преименувањето на улицата иако, како што соопштија, локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината.