„Во овој важен период за државата, ако ВМРО-ДПМНЕ кажат дека Алијанса за Албанците треба да излезе од Владата и гласаат за уставни измени, Алијанса не утре, туку денеска целосно ќе ја напушти Владата. Нека кажат, нека направат проширена влада, нека се изгласаат уставните амандмани, и веднаш одиме на избори“, изјави лидерот на Алијанса за Албанците во гостување во летното издание на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21
Коментирајќи ги оставките на министрите на Демократската унија за интеграција, кои ќе се активираат веднаш штом ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени, лидерот на АА вели дека тие во најмала рака му изгледаат како детска игра
Лидерот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, вели дека се подготвени уште денеска да излезат од Владата, доколу ВМРО-ДПМНЕ тоа го бара како услов за нејзините пратеници да гласаат за уставните измени.

Ова Таравари го изјави во своето денешно гостување во летното издание на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.
„Во овој важен период за државата, ако ВМРО-ДПМНЕ кажат дека Алијанса за Албанците треба да излезе од Владата и гласаат за уставни измени, Алијанса не утре, туку денеска целосно ќе ја напушти Владата. Нека кажат, нека направат проширена влада, нека се изгласаат уставните амандмани, и веднаш одиме на избори“,
рече Таравари во гостувањето во емисијата.
Коментирајќи ги оставките на министрите на Демократската унија за интеграција, кои ќе се активираат веднаш штом ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени, лидерот на АА вели дека тие во најмала рака му изгледаат како детска игра.
„Овие постапки на ДУИ ми изгледаат многу несериозни, со оглед на сериозното време низ кое минува Република Северна Македонија, во еден многу, многу важен период. Овие игри во најмала рака ми изгледаат многу детски. АА е партија сама по себе и носи свои одлуки во партиските органи на АА, земајќи ги предвид сите околности, волјата на членството, но и на албанските граѓани во Република Северна Македонија“,
вели Таравари.
Оставките на петтемина министри на ДУИ ги најави лидерот на партијата Али Ахмети на 30 јули, а два дена подоцна, односно на 1 август министрите на своите фејсбук-профили објавија фотографии од потпишувањето на оставките.
На повикот на Ахмети до Алијанса за Албанците министрите од оваа партија да го следат примерот на нивните колеги од ДУИ, Тарвари на 31 јули, одговарајќи на новинарско прашање рече дека станува збор за пи-ар трик на Ахмети.
„Ова е многу сериозен период за вака несериозни предлози. Мислам дека господинот Ахмети не размислува така и ми наликува на ‘пи-ар’ трик. Во овој период треба да размислуваме трезвено и сериозно кога станува збор за евроинтеграциите. Во Алијанса за Албанците не се ни размислува во правец на предлогот на Ахмети“,
изјави Таравари на 31 јули.
Лидерот на АА тогаш нагласи дека ако дојде до ситуација да се носи некаква одлука во овој правец, тогаш за тоа ќе се расправа во партиските тела и во консултации со членството и граѓаните.
Покрај условените оставки од министерските места, првиот вицепремиер и министер Артан Груби најави дека ДУИ е подготвена да се откаже и од привремена влада 100 дена пред избори и од премиер Албанец, доколку ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени.
Од опозициската партија на ваквиот потег на ДУИ реагираат со став дека „уставни измени со вакви фолирања, нема да има“. Партискиот портпарол Наум Стоилковски на прес-конференција на 31 јули, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека освен министрите на ДУИ, оставки треба да си поднесат и министрите на СДСМ и да се оди на брзи предвремени избори.