Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку соопштение ги демантира и отфрла обвинувањата и тврдењата дека Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е во криза и дека државата доцни со исплатите кон банките
Од МТСП информираат дека сега како и во изминатите години нема ниту еден ден доцнење на исплатата на пензиите, а нивниот растот е континуиран и јасно забележлив. Трансферите кон ПИОМ се навремени и сигурни, дури и во време на ковид-пандемијата, кога започна првата предвремена исплата на пензиите.
„Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21%. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6,8%, второто во март 2023 година – 8,4% и моменталната проекција за септември 2023 година – најмалку 6 отсто“,
се вели во соопштението на МТСП.
Оттаму дополнуваат и дека ниту едно од овие зголемувања не ја загрозило стабилноста на Фондот, ниту ја пореметило редовната исплата на пензиите што е, пак, јасен показател на посветеноста кон граѓаните и стратешкиот избор на донесени политики, како и долгорочното планирање кое обезбедува стабилност на пензискиот фонд, но и сигурност на пензионерите.
„Пензионерите се приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Во овој владин состав се донесоа низа мерки за помош и поддршка на пензионерите, и трендот не сопира. Предлозите од пензионерите се на маса, се дискутира за истите и во најскоро време ќе продолжиме со промоција на нови мерки и пакети кои ќе осигурат достоинствен живот на пензионерите и понатаму“,
велат од МТСП.
Тие апелираат да не се креира страв кај пензионерите и да не се манипулира со недостатокот на информации, кои според МТСП се со цел да се обезбеди масовност на протестите кои се политички обоени.